02.01.2024 Скопје
Скопје ја доби својата прва музичка фолк тура, со цел зачувување и промоција на македонската фолклорна традиција. Иницијативата, наречена „Скопска музичка фолк тура“, е дело на ФОЛКОНИКА – Центар за зачувување и развој на македонската фолк музика. Овој проект е насочен кон едукација на најмладите и промовирање на традиционалната музика на иновативен начин.
Турата претставува патување низ музичкото и културното наследство на Скопје, при што се опфаќаат најзначајните културни точки во градот. Локациите се внимателно одбрани за да ја истакнат суштината на македонскиот фолклор.
Една од првите точки е „Музејот на Македонија“, каде што посетителите можат да ги видат традиционалните носии, народните инструменти и други обележја на македонската култура. Посебно внимание привлекува мултиинструменталистката Бајса Арифовска, која магично го оживува звукот на кавалот, гајдата, тапанот, и многу други традиционални и староградски инструменти.
Во старата Скопска чаршија се наоѓа дуќанот „Гиевски“, кој веќе 80 години изработува рачно музички инструменти. Ова место не е само дуќан, туку и своевиден музеј, каде што се чува духот на македонската музичка традиција.
Проектот, кој е поддржан од Град Скопје, вклучува и соработка со училиштата за да се доближи фолклорот до децата. Дополнително, ФОЛКОНИКА планира работилници со туристички работници за да ја вклучат турата во своите аранжмани, збогатувајќи ја туристичката понуда на градот.
„Скопската музичка фолк тура“ има за цел не само да ја зачува традицијата, туку и да ја претстави на автентичен начин пред домашните и странските посетители, зближувајќи ги со богатото културно наследство на Скопје.
Подготвено од М.Д.