09.01.2025 Скопје
Соединетите Американски Држави и Србија ќе започнат стратешки дијалог што треба официјално да биде објавен викендов, за време на посетата на американскиот заменик државен секретар Ричард Верма на Белград.
Стратешкиот дијалог меѓу САД и Србија ќе опфати неколку клучни области, вклучувајќи ги економијата, трговијата и инвестициите, енергијата, животната средина, технологијата, медиумите, како и регионалните и европските политички прашања. Ќе се разговара и за соработката во областа на одбраната и безбедноста, човековите права и владеењето на правото.
Меѓу земјите кои имаат стратешки дијалог со САД се Полска, Грција, Египет, Индија, Кипар, Узбекистан и Оман. Оваа форма на билатерална соработка покажува колкаво значење и придаваат САД на една земја.
Американскиот заменик државен секретар Ричард Р. Верма веќе ја започна посетата на регионот, а по Албанија ќе дојде и во Приштина и во Белград. Како што е најавено, за време на посетата тој особено ќе го нагласи значењето на растечкото стратешко партнерство со Србија во областа на енергетиката и економските прашања. Истовремено, ќе понуди поддршка за процесот на интеграција во европските институции и нормализација на односите со Косово, како и за зајакнување на владеењето на правото.
„Кога САД започнуваат дијалог со земја партнер, тоа им испраќа порака на инвеститорите дека е пожелно да се инвестира во таа земја. Исто така, за САД е важно да имаат добри односи со Србија бидејќи таа е најважната земја на Западен Балкан. Со отворањето на овој дијалог и Србија и САД ќе ги исполнат своите цели, но Србија ќе ја зајакне својата надворешнополитичка позиција“, изјави за српски „Курир“ извршниот директор на „Иницијативата Пупин“ Вук Велебит.
На прашањето дали може да се каже дека овој дијалог е чекор напред на Србија во односите со Западот, на штета на оние со Истокот, Велебит рече дека стратешкиот дијалог со САД значи балансирање на односите и со Кина и со Русија.
„Во контекст на глобалните настани, ова е важна порака дека Србија се грижи за развивање на односите. Ќе потсетам дека Белград во изминатите неколку години ги занемаруваше односите со САД, но и Вашингтон повеќе гледаше кон Сараево и Подгорица. Сега е поинаку. Среќни сме поради овој стратешки дијалог, го предложивме во септември и разговаравме со американски претставници. Ова е одлична вест за граѓаните бидејќи ќе ги олесни и административните работи“, рече Велебит.
Во контекст на приказната за санкциите против НИС, Велебит посочува дека останува да се види што ќе се случи таму.
„НИС беше продаден во 2008 година по многу лоша цена и мислам дека тоа беше лошо за српските национални интереси. Мислам дека потенцијалното враќање на НИС во српски раце би било добро за Србија и за зачувување на нашата енергетска независност. Енергијата ќе биде важна тема во стратешкиот дијалог. САД јасно кажаа дека се грижат за бакарот и литиумот“, рече Велебит.
Тој додаде дека односите меѓу САД и Србија биле на нагорна траекторија за време на администрацијата на Бајден и не гледа причина тоа да не продолжи по 20 јануари.
„Ние предложивме доаѓање на американскиот претседател во Белград. Доаѓањето на Трамп во Белград ќе ги овековечи позитивните сигнали од Белград и Вашингтон кога станува збор за продлабочување на односите. На Србија денес се гледа попозитивно и сега е сигурен партнер. Тоа е многу добро за меѓународната позиција на Србија“, заклучи Велебит.
Подготвено од М.Д.