roksana-2

13.01.2025 Скопје

Македонската балерина Роксана Стојанов е прогласена за нова ѕвезда на Париската национална опера. Ова се случи по нејзиниот блескав настап во балетската претстава „Пакита“, во која таа ја одигра главната улога.

„Солзи, благодарност, исполнетост, гордост… не можам да опишам што чувствувам оваа вечер, нема да ја заборавам никогаш – благодарам на сите“,  напиша Роксана, која беше пресреќна по својот успешен настап на кој го доби ова престижно признание.

На својот инстаграм-профил, таа објави фотографии од моментот на доделувањето на признанието и од изведбата на балетот, притоа посочувајќи дека ѝ недостасуваат зборови за да ги опише емоциите, но дека е преплавена со љубов.

Роксана Стојанов беше именувана за „ѕвезда-танчарка на Париската опера“ на предлог на Жозе Мартинез, директор за танц и Александер Неф, генерален директор на Операта.

Инаку, таа е родена во Македонија во 1995 година. Иако во родната земја започнала со балет, таа на рана возраст ја напуштила државата и заминала за Брисел за да ги оствари своите соништа и да стане врвна балерина. Во 2007 се вклучила во училиштето по танци на Париската национална опера, во 2022 била промовирана во „главна танчарка“, а сега и во „ѕвезда танчарка“.

Како што посочи самата Роксана, таа им е благодарна на сите нејзини учители по балет во РС Македонија, Белгија, како и на оние од Париската опера, но и на нејзиното семејство за поддршката.

Подготвено од М.Д.

About Author