eu-mk-znaminja-750x430

15.01.2025 Скопје

Нашиот пристап е да бидеме најдобрата влада пред граѓаните, но и во очите на нашите европски партнери во делот на испорачаните реформи и во усогласеноста со заедничката безбедносна политика на Унијата, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Оваа е владата што испорачува реформи, но истовремено да изнајдеме рационално решение со Бугарија кое ќе гарантира дека по шест месеци нема да се вратиме на позиција каде тие повторно ќе најдат причини да ги блокираат нашите евроинтеграции – истакна министерот.

Муцунски зборуваше за актуелното расположение во Брисел во однос на проширувањето на Унијата и потребата од предвидливост на процесот.

Ме радува што реториката од чинителите во Брисел вклучува дијалог и изнаоѓање рационални решенија, а не само уставни измени – промена што како влада успеавме да ја иницираме во последните шест месеци,“ додаде тој.

Суштината, според Муцунски, е обезбедување предвидливост на патот кон членството, што во моментот може да се постигне преку уставни измени со одложена примена.

Ако чинителите во Брисел имаат други идеи за предвидливост, отворени сме за дијалог, но преку консултации со експертската заедница, невладиниот сектор и со јавноста – нагласи тој.

Министерот истакна дека владата нема да се однесува аматерски и парадерски, како што тоа било случај во минатото, туку ќе покаже професионален и стратегиски пристап.

Треба да се бориме, но и да бидеме свесни за нашите силни страни – стратешката позиција на нашата држава и фактот дека Европската Унија не може да си дозволи уште една грешка во однос на нашата интеграција – посочи тој.

Во однос на решавањето на проблемот со Бугарија, Муцунски нагласи дека најдобро е тоа да се постигне со политичка влада која ќе има целосен легитимитет.

Гледајќи низ призмата на лошата пракса од минатото, сметаме дека разговорите треба да се водат со влада со целосен политички легитимитет – истакна министерот за надворешни работи.

Подготвено од М.Д.

About Author