bolnica-kavadarci-nasa-960x544

21.01.2025 Скопје

Нема починати или повредени во пожарот што вчера во утринските часови изби со старечкиот дом во Чемерско. Сите 32 стари лица од домот се евакуирани на време и пренесени во болницата во Кавадарци, каде ја добиваат соодветната нега. Тие остануваат под постојан надзор се додека не бидат згрижени од нивните најблиски.

„Пренесени се 32 лица кои се во добра здравствена состојба. Не се опожарени, а во болницата ќе останат се додека не биде реновиран домот или не бидат пренасочени во некој друг. Сите се прегледани и сместени на третиот кат“, изјави д-р Гордана Ѓорчева Камчева, в.д директорка на ЈЗУ Општа болница Кавадарци.

Сцените од утрото според снимките биле страшни, но поради брзата реакција на пожарникарите и медицинските тимови, животите на старите лица беа спасени. Во спасувачката акција учествувале десетина пожарникари со три возила, поддржани од медицински и полициски тимови.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, ја пофали координацијата на службите, истакнувајќи дека навремената интервенција спречила поголема трагедија.

Пожарот ја уништи кровната конструкција на домот, кој неодамна беше изграден. Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се истражуваат.

Подготвено од М.Д.

About Author