15.01.2025 Скопје
Гренландскиот премиер, Муте Егеде, рече дека данската автономна територија е отворена за поблиски врски со САД, во области како што е рударството, објави гренландска телевизија.
Треба да правиме бизнис со САД. Почнавме да се впуштаме во дијалог и да бараме можности за соработка со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп – рече Егеде на прес-конференција во Гренланд.
Тој додаде дека територијата ја држи „вратата отворена кога станува збор за рударството“.
Тој додаде дека територијата „ ги отвора вратите во однос на рударството“.
Така ќе биде и во наредните години. Мораме да тргуваме со САД – рече тој.
Трамп, кој ѝ понуди на Данска да го купи Гренланд уште за време на неговиот прв мандат, се врати на ова прашање во последните недели. На прес-конференција минатиот вторник, тој одби да ја отфрли можноста за употреба на сила за да го стави најголемиот остров на светот под контрола на Вашингтон.
Можеби ќе треба да се направи нешто… Гренланд ни треба поради националната безбедност – рече тој.
Гренландскиот премиер, Муте Егеде, во петокот истакна дека островот е на гренландскиот народ.
Желбата на островјаните е да бидат независна нација – рече премиерот, ветувајќи дека гласањето за ова прашање „ќе дојде наскоро“.
Сепак, Егеде истакна дека е подготвен да разговара со Трамп и изрази желба да продолжи да соработува со САД во иднина.
Инаку, според ново истражување, околу 57,3% од населението на Гренланд го поддржува предлогот на новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, островот да стане американска територија. Предлогот на Трамп го одбија 37,4% од испитаниците, а неодлучни се 5,3% од анкетираните, објави американската истражувачка компанија „Патриот Полинг“.
„Нашето истражување открива дека значително мнозинство од жителите на Гренланд го поддржуваат приклучувањето кон САД“, се вели во изјавата на анкетарот.
Истражувањето вклучило 416 испитаници во Гренланд, а било спроведено помеѓу 6 и 11 јануари, додека Доналд Трамп Јуниор, синот на новоизбраниот претседател, бил во посета на данската автономна територија.
Ова се случува додека републиканските пратеници во Претставничкиот дом на САД се обидуваат да добијат поддршка за нацрт-законот со кој се овластуваат разговори за купување на Гренланд, според нацрт-законот „Да го направиме Гренланд повторно голем“.
Ако биде усвоен, законот ќе му овозможи на новоизбраниот претседател Доналд Трамп да стапи во преговори со Данска, почнувајќи од 20 јануари, кога ќе ја преземе функцијата претседател на САД. Во документот се наведува дека Конгресот го овластува претседателот, почнувајќи напладне на 20 јануари, да започне преговори со Кралството Данска за да обезбеди аквизиција на Гренланд.
Во документот се додава дека „најдоцна 5 календарски дена по постигнувањето договор со Данска“ во врска со преземањето на Гренланд, американскиот претседател ќе го пренесе договорот, вклучувајќи ги сите поврзани материјали и анекси, до соодветниот конгресен комитет.
Во 2008 година, Гренланд одржа необврзувачки референдум за зголемена автономија од Данска, што резултираше со одобрение од 75% од гласачите и 72% излезност. Ова доведе до Акт за самоуправа од 2009 година, со кој на островот му беше дадена поголема контрола врз неговите внатрешни работи.
На површина од 2,2 милиони квадратни километри (околу шестпати поголема од Германија), Гренланд е дом на помалку од 57.000 луѓе, а 80% е покриен со мраз. Островот е богат со наоѓалишта на злато, сребро, бакар и на ураниум, а се верува дека има огромни резерви на нафта во неговите територијални води.
Подготвено од М.Д.