02.01.2025 Скопје
По Унгарија која за време на своето претседавање со ЕУ се обиде „да ја направи Европа одново голема“, Полска има намера да работи на тоа Европа да биде побезбедна. Токму под мотото „Безбедност, Европа!“, Варшава за време на своето шестмесечно претседавање со Советот на ЕУ планира да се посвети на седум димензии на концептот за поголема безбедност на Унијата. Безбедносната мултидимензионалност на која планира да работи Полска ќе биде насочена кон зајакнување на надворешната, внатрешната, кибер, економската, енергетската, прехранбената и здравствена безбедност на ЕУ и нејзините граѓани.
При презентацијата на приоритетите на претседавањето со Полска, полскиот премиер, Доналд Туск, кој инаку беше претседател на Европскиот совет од 2014 до 2019 година, изјави дека Варшава ќе работи на овие седум сфери на безбедноста во услови на период на предизвици за ЕУ поврзани со „кризите во Украина и на Блискиот Исток и случувањата во Грузија“.
Од таму, Варшава ќе се фокусира на максимално зголемување на поддршката за Украина, одржување на сегашните политики на ЕУ кон Русија и Белорусија и на зајакнување на безбедноста и отпорноста на Унијата и нејзините партнери.
Шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски, кој засега е единствениот министер за надворешни работи на една европска земја кој по вторпат ќе претседава со Советот на ЕУ по претседавањето во првата половина на 2011 година, оцени дека ова полско претседателство ќе се одвива во многу сложен меѓународен амбиент, кој се карактеризира со војната во Украина, растечки геополитички тензии, особено на Блискиот Исток, зголемени хибридни закани и ширењето на дезинформации.
Според Сикорски, Полска ќе се обиде да го искористи претседавањето за да ја зајакне својата позиција како една од најважните и најактивни земји членки на ЕУ. – Ќе се стремиме да ги подобриме позицијата и наративот на политиката на Полска во Унијата и на други места во светот, изјави Сикорски при презентацијата на приоритетите на полското претседателство со Советот на ЕУ.
Полска посочува дека го презема претседавањето со Советот на ЕУ во време на неизвесност и загриженост, кога Европа се бори со последиците од вооружената агресија на Русија против Украина и потребата од зајакнување на сопствениот одбранбен капацитет.
Сведоци сме на зголемени геополитички тензии, ерозија на меѓународниот поредок заснован на правила и хибридни напади насочени кон европската демократија и безбедност. За Европа, ова е време на одлука. Европската унија мора да се заштити себеси и своите граѓани и да се грижи за своето непосредно соседство. Таа мора да им даде на Европејците чувство на сигурност и перспективи за развој. Одговорноста за идните генерации бара единство на ЕУ и подготвеност да работиме со партнерите кои ги споделуваат нашите вредности, особено со аспирантите за членство, и не обврзува да ги браниме вредностите на кои се заснова Унијата, како што се демократијата, слободата и владеењето на правото, посочува полското претседателство со ЕУ.
Постојаната полска претставничка во ЕУ, Агњешка Бартол најави дека проширувањето на Унијата претставува геополитички приоритет за Полска, додавајќи дека кон пристапниот процес Варшава „има намера да заземе избалансиран пристап, особено за Западниот Балкан“.
Според Сикорски, пак, Полска за време на своето претседателство ќе обезбеди „соодветна брзина и квалитет на проширувањето на Европската Унија кон исток и југ“.
Нашата цел е да постигнеме напредок во однос на Украина, Молдавија, како и на Западниот Балкан. Напредокот во процесот на пристапување треба да биде сразмерен со постигнувања на земјите кандидати за (членство во) ЕУ, рече Сикорски.
Кога станува збор за проширувањето, се очекува, Полска особено да посветени внимание на пристапниот процес на Украина, која за време на белгиското претседавање со ЕУ во првата половина на 2023 година доби одлука за старт на преговорите и веќе го започна скрининг процесот. Како што најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на декемврискиот Самит на Унијата, многу веројатно Украина ќе ги започне преговорите по првиот Кластер – Основни вредности во првите месеци од 2025 година.
Извори во полската Мисија при Унијата изјавија дека Полска се надева оти за време на ова нејзино претседавање со Советот на ЕУ, Украина ќе отвори барем еден кластер, дека Молдавија исто така ќе ги започне преговарачкиот процес по кластери, а дека Албанија, Србија и Црна Гора ќе отворат преговори по нови поглавја.
Според истите извори, Варшава го поддржува процесот на проширување, но дека темпото со кое тој ќе се одвива ќе зависи посветеноста на земјите кандидати за членство на спроведувањето на реформите и на исполнувањето на обврските.
Полска би сакала Европската Унија и Турција да преземат конкретни чекори на приближување. – Турција е наш многу важен, стратешки партнер, не само за прашањата поврзани со безбедноста, туку и со економијата, рече шефот на полската дипломатија.
Сикорски најави и дека полското претседателство ќе ги поддржи „проевропските аспирации на грузиското општество“, изразувајќи надеж дека ќе дојде до пресврт во антиевропскиот тренд во Грузија, наметнат од владејачката партија Грузиски сон, која „дојде на власт по парламентарни избори со сомнителни стандарди“.
Тој најави и „ажурирање и заживување на Источното партнерство“, формат кој во 2009 година го иницираа токму тој и тогашниот шведски министер за надворешни работи Карл Билт.
Овие напори ќе бидат насочени кон тоа ова Партнерство да стане комплементарно на процесот на проширување, да има посилно влијание врз проевропските реформи во земјите кои не се стремат да се приклучат кон ЕУ и да се стави поголем акцент на безбедноста и борбата против хибридните закани, рече Сикорски.
Тој најави дека како дел од напорите за зајакнување на економската соработка со земјите што се наоѓаат источно од ЕУ, на 16 април во Варшава ќе се одржи Бизнис форум на Источното партнерство.
Варшава во текот на претседавањето има намера да посвети големо внимание на можностите за преговори за постигнување траен и одржлив мир во Украина. Се очекува дека Полска би можела да одигра значајна улога во настаните околу Украина, имајќи предвид дека како нејзин сосед, таа е голем поддржувач на земјата и служи како клучен логистички центар за трансфер на западната воена помош за Киев.
Нашето претседателство особено ќе биде коодговорно за тоа како ќе изгледа политичкиот пејзаж, можеби како ќе изгледа ситуацијата за време на (мировните) преговори, рече Туск, додавајќи тие преговори би можеле да започнат уште „оваа зима“.
Во врска со прашањето за распоредување меѓународни мировни сили во Украина во кои би учествувала и Унијата или нејзини членки по евентуален договор за прекин на огнот, Туск порача дека Варшава во моментов „не планира такви активности“.
Можноста за испраќање „мировни мисии“ во Украина не ја исклучи ниту високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, но, како што нагласи, за такво нешто потребно е да се постигне мир и „Русија да престане со гранатирањето, што не го прави“.
Пред тоа немаме за што да разговараме. И, се разбира, секоја европска земја треба да донесе одлука дали и во кои процеси би ги вклучила своите војници, додаде Калас.
Во тој контекст е и најавата за нов 16-ти пакет санкции кон Москва, кој би требало да биде усвоен на стартот на полското претседавање со ЕУ и која, според извори во Брисел, треба „значително да ја погоди Русија“.
Според Сикорски, полското претседателство ќе се залага за „трајна и непоколеблива политичка, воена и финансиска поддршка од ЕУ за Украина и за нејзината обнова“, како и за зголемен притисок врз Русија и нејзините поддржувачи, со цел што поскоро да се стави крај на тековната агресија.
Од таму, шефот на полската дипломатија најави активности на Полска за зајакнување на санкциите на Европската Унија кон Русија и Белорусија и за засилувањето на напорите за спречување на нивното заобиколување. Сикорски соопшти дека полското Министерството за надворешни работи, во соработка со пратеникот на ЕУ за санкции, Дејвид О’Саливан, ќе организира конференција посветена на предизвиците во спроведувањето на рестриктивните мерки поврзани со руската агресија врз Украина, што ќе се одржи на 25 февруари 2025 година.
Сикорски нагласи дека Русија е „правно и финансиски одговорна за нејзината агресија врз Украина“ и затоа мора „и буквално да плати висока цена“ за тоа, па затоа Полска ќе бара поддршка од земјите членки на ЕУ за целосно искористување на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина, а не само на профитите остварени од нив, како што беше случај досега. Полска ќе поддржи и продолжувањето на политиката на противење на изборот на Русија и Белорусија или нивни претставници во органите на меѓународните организации.
Полското претседателство најавува дека врвен приоритет ќе му биде зајакнувањето на безбедноста и отпорноста на ЕУ, особено развојот на одбранбената димензија на Унијата.
Оваа активност е повеќедимензионална. Не се работи само за воена безбедност, туку и за миграциска и економска, безбедност на храната и отпорност на дезинформациите, нагласи Сикорски.
Според него, Полска заедно со останатите земји членки и со Европската комисија, сака да направи Европа да биде способна физички да се соочи со заканите по нејзината безбедност, кои во актуелниов период „доаѓаат најмногу од исток“, преку обезбедување „соодветно производство во одбранбената индустрија“.
Нашата цел ќе биде да се стремиме да ги искористиме инструментите за поддршка на ЕУ за создавање одбранбена инфраструктура како што е Источниот штит, најави полскиот министер за надворешни работи.
Полското претседателство смета дека Европа мора да продолжи со напорите за да обезбеди оптимално ниво на внатрешна безбедност за своите граѓани, па ќе работи на изнаоѓање нови решенија за справување со предизвиците на илегалната миграцијата, за изнаоѓање ефикасна политики за депортација на илегалните мигранти и за зајакнување на безбедноста на надворешните граници на ЕУ.
Ќе работиме на соодветен одговор на ЕУ на хибридните закани, особено на инструментализацијата на миграцијата. Ќе се соочиме со предизвиците за да се осигураме дека Шенген зоната функционира правилно, се наведува во приоритетите на полското претседателство.
Логото на полското претседателство со ЕУ е полското знаме во комбинација со буквите „Е“ и „У“, што, како што беше објаснето, ја претставува посветеноста на Полска кон Европската Унија, нејзиното 20-годишно членство, нејзината вклученост во европските прашања и нејзината амбиција да постави нови политики насоки за блокот, особено во однос на безбедноста на континентот.
Логото е дело од познатиот полски уметник Јержи Јанишевски, кој е автор и на логото на легендарниот полски синдикат Солидарност.
Официјалната инаугурација на полското претседателство со ЕУ ќе биде одбележана со гала концерт во Полската национална опера во Варшава закажан за в петок на кој ќе настапат повеќемина познати уметници.
Концертот ќе биде можност да се истакне улогата на културата во зближувањето на народите и поттикнувањето на меѓукултурната соработка, како и да се прикажат убавината и богатството на културното наследство на Полска.
Предвидено е за време на полското претседавање со ЕУ да се одржат 945 состаноци, вклучувајќи и седници на 38 работни групи и комисии, од кои најголемиот дел во Брисел, но и 23 неформални средби во Варшава.
За потребите на претседавањето, Полска ќе ја зајакне својата Постојана мисија при ЕУ во Брисел со речиси 150 службеници од полските министерства, уште 14 дипломати ќе бидат упатени во 11 нејзини претставништва во странство, а дополнителен персонал ќе биде испратен во Полската амбасада во Техеран, која ќе ја има улогата на Делегација на Унијата во Иран.
Подготвено од М.Д.