21.01.2025 Скопје
Парада на технолошки милијардери му се придружи на новоизбраниот претседател Доналд Трамп пред неговата инаугурација.
Основачот на Амазон, Џеф Безос, шефот на Мета, Марк Цукерберг, шефот на Apple, Тим Кук и шефот на Google, Сундар Пичаи, беа видени како ги заземаат првите редови во епископската црква.
Во црквата биле забележани и медиумскиот тајкун Руперт Мардок, претседателот на ФИФА Џани Инфантино и поранешниот британски премиер Борис Џонсон.
Многумина од нив беа меѓу првите критичари на Трамп во деловниот свет за време на неговиот прв мандат, зборувајќи за прашања како климатските промени и имиграцијата.
Извршниот директор на TikTok, Шоу Зи Чоу, исто така, присуствуваше на инаугурацијата иако неговата компанија се бори со последиците од забраната од САД за кинеската апликација, како и Сем Алтман од OpenAI и Дара Косрошахи од Uber.
Се разбира, тука е и шефот на SpaceX и Tesla, Илон Маск, кој потроши речиси 300 милиони долари за претседателската кампања и оттогаш цврсто застанува на страната на Трамп.
Тоа е впечатлив спектакл. Последниот јавен настан во Вашингтон што собра толку многу технолошки шефови заедно во иста просторија беше конгресното сослушување во 2020 година фокусирано на нивните компании.
Денес, повеќето од овие компании сè уште имаат сериозни нерешени работи пред американската влада, вклучувајќи антимонополски тужби, истраги, регулаторни битки и тарифи.
Минатата недела, демократските сенатори Елизабет Ворен и Мајкл Бенет објавија писмо до извршните директори во кое ги обвинуваат дека се обидуваат „да се договараат со новата администрација на Трамп во обид да ја избегнат контролата, да ја ограничат регулативата и да купат услуги“.
„Смешно е што никогаш не ми испратија такво нешто за да придонесам за демократите“, одговори Алтман на социјалните мрежи.
Останува отворено прашање колку ќе се покаже издржлива технолошката „броманса“ и колку далеку ќе оди Трамп за многу од овие прашања.
Претседателот, кој најпрво ја напушти функцијата како отфрлен во деловниот свет, се чини дека ужива во својата нова позиција.
„Сите сакаат да ми бидат пријатели!!!“ напиша Трамп на социјалните мрежи во декември.
Подготвено од М.Д.