SAD KANADA MEKSIKO

31.01.2025 Скопје

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе ја исполни својата закана за воведување увозни царини од 25 отсто за стоки од Канада и од Мексико во сабота, 1-ви февруари. Како причина за неговата одлука тој ги наведе приливот на фентанил и високиот трговски дефицит.

„Ќе објавиме тарифи за Канада и за Мексико од повеќе причини“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба. „Број еден се луѓето кои дојдоа во нашата земја во толку страшен и голем број. Број два се дрогите, фентанилот и сè друго што дојде во земјата. Број три се огромните субвенции што им ги даваме на Канада и на Мексико во форма на дефицити“, рече тој.

Трамп ја ескалираше својата закана, додавајќи дека царините „можеби ќе се зголемат или не со текот на времето“. Тој синоќа најави дека наскоро ќе одлучи дали ќе го исклучи или не увозот на нафта од Канада и од Мексико од царината од 25 отсто.

„Можеби ќе направиме, можеби нема. Таа одлука ќе ја донесеме веројатно вечерва“, рече Трамп за тоа дали ќе воведе царини за канадската и за мексиканската нафта. Тој додаде дека тоа делумно ќе зависи од цените, како и од тоа дали двете земји „соодветно се однесуваат кон САД“.

Трамп, исто така, рече дека сѐ уште размислува за нови царини за кинески стоки, наведувајќи ја нивната улога во трговијата со фентанил. Тој се закани со царини од 10 отсто за сите кинески стоки, откако во првиот мандат воведе царини за кинески увоз во вредност од околу 370 милијарди долари.

„Размислувам и за Кина бидејќи тие испраќаат фентанил во нашата земја и предизвикуваат стотици илјади смртни случаи… Ќе одлучиме што ќе се случи, но Кина мора да престане да испраќа фентанил во нашата земја и да ги убива нашите луѓе“, рече Трамп.

Подготвено од М.Д.

About Author