08.01.2025 Скопје
На листата на 50 водечки универзитети во светот според бројот на патенти, доминираат американски и кинески институции, додека универзитети од Европската Унија (ЕУ) воопшто нема, покажува студијата на Институтот за светска економија од Кил.
Според истражувањето, 70 проценти од универзитетите во Европа воопшто немаат директни патентни активности, а најголемиот дел од патентите потекнуваат од универзитети во пет западноевропски држави.
Острата поларизација во патентната активност на европските универзитети предизвикува сериозна загриженост. Патентите се важен инструмент за трансфер на технологии и се клучен индикатор за пренос на знаења од универзитетите на пазарот, истакна Александра Партека, истражувачка на проектот од Универзитетот за технологија во Гдањск.
Таа нагласи дека за економска, социјална и политичка кохезија во Европа е неопходно да се спречи заостанување на одредени земји или региони во иновациите.
Во анализата се наведува дека, и покрај растот на бројот на патенти со текот на времето, само универзитетите Оксфорд и Империјал колеџ од Лондон успеале да влезат на листата на 50 водечки во светот. По Брегзит, на листата повеќе нема универзитети од земји-членки на ЕУ.
„Со трговските војни со САД и Кина на хоризонтот, ЕУ треба да делува брзо и сеопфатно – да ја промовира соработката со Британија и да ја забрза комерцијализацијата на истражувањата преку намалување на бирократијата и зголемување на финансирањето“, изјави Холгер Герг, лидер на проектот во рамките на кој е изготвена студијата.
Подготвено од М.Д.