https://www.flickr.com/photos/radiosvaboda/7134682321/in/photolist-bSt7ua-H7jJq-bkqRZv-5nQMhz-2wJHas-JWMacL-AVJUkM-2m29orA-2hotb1V-2mku42x-62aGcL-um3u9i-2ekutgX-2nNb3EG-2hkGY3B-98H8aW-29LX9HQ-2nDVVBy-2jovAeb-p2zmZH-2kRNrzh-2gYJJwB-drYYcb-2mt982S-dYqzNF-e8PNG3-RmW9sB-2kRNiat-2mgL23Y-ka4poz-bFuAPr-2mgH4Hg-2jjFKHA-2kRP8Te-6egoj-p8w4Zc-bFKhf8-2kRMV9g-2nkmdsv-xtXPYG-bGCBTz-2kRP99e-Tq5daQ-2mKEWZ8-2mt3PZu-QQRfrn-ph6PTX-U5Q9fc-WJeVf9-byhNP6

31.01.2025 Скопје

Во РС Македонија нема доволно возачи на камиони и на автобуси, се жалат превозниците. Според нивните пресметки, само за задоволувањето на правилото за ограничен престој од 90 дена на секои 6 месеци во ЕУ ќе им бидат потребни околу 12.000 возачи кои нема каде да ги најдат.

Проблем е и тоа што земјава уште не ја намалува старосната граница за полагање на возачки испит за Ц, Д, и Е категорија што го отежнува создавањето на нов професионален кадар, а стариот е веќе заминат во странство или оди во пензија.

Во земјите од ЕУ, па и во нашето опкружување камион може да се вози на 18 години, а автобус на 21 година, со дополнителна обука кај нас периодот е подолг, па камион може да се вози дури на 23 години, а автобус на 24 години.

Од 2015 година земјите од ЕУ постојано ги олабавуваат условите за станување професионален возач и условите за вработување странски работници. Таму веќе на 17 години се вршат подготовките за возачи на камион, а со 18 години може да се управува камион. Земјава сè уште не се усогласила со оваа европска регулатива па кај нас да се полага за потребната категорија „Ц“ потребно е да се има 21 година и возачко искуство од една година кое е потребно и за управување на камион со приколка. Дополнително, најмалку шест месеци се потребни за обука кај превозникот. Сето тоа прави дури на 23 години да може да се има потребната категорија на возачки способности за да се седне зад волан на камион. Ова е долг период кој младите не сакаат да го поминуваат за да станат професионални возачи и затоа одбегнуваат да работат како возачи – вели Билјана Муратовска од „Макам транс“.

Според неа, проблемот со недостиг на возачи дополнително ќе се зголеми со фактот дека во земјите на ЕУ возачите не можат да се задржуваат подолго од 90 дена при што од еден до друг престој од 90 дена треба да паузираат 6 месеци.

Ако сега имаме 9.000 возила ќе ни требат околу 12.000 возачи, односно секоја компанија за секое возило ќе треба да има втора возачка посада за да нема застои во превозот. Тоа значи дека секоја фирма ќе треба да има по 3 до 4 возачи плус што е тешко да се обезбедат бидејќи ги нема, а нови тешко се обучуваат поради законските правила за старосна граница за полагање соодветна категорија – вели таа.

Според неа, проблемот со возачи е актуелен веќе неколку години на глобален план, а со тоа расте конкуренцијата меѓу компаниите.

Најголем дел од возачите од поширокиот регион заминаа да работат во Германија, Велика Британија и во скандинавските земји, но потреба за возачи имаат и сите други земји, па во регионот е сè поголем недостигот од возачи – вели Муратовска.

Србија вчера објави податок дека има потреба од 10.000 возачи бидејќи многумина заминале од земјата. На годишно ниво ѝ се потребни по околу 5.000 нови кои не можат да се обезбедат иако во Србија се актуелни европските прописи за 18 години возач на камион и за 21 година за возач на автобус.

На автобуските превозници им е уште потешко да обезбедат возачи бидејќи за полагање испит за станување возач на автобус треба да се поседува возачка дозвола од Ц категорија, односно да се знае да се вози камион.

Старосната граница за да се управува автобус е 24 години и најмалку две години да се поседува возачка дозвола од категоријата Ц.

Ретко кој сака да полага за возење автобус бидејќи лесно се наоѓа работа со Ц и со Е категорија, односно за возење камион бидејќи секаде се барани овие возачи. Посебно се осипува кадарот и со тоа што просечната возраст на возачите е 50 години, а добар дел од нив веќе заминуваат во пензија. Оние кои здравствено можат да издржат возат и по пензионирање, но тоа не го решава проблемот. Автобускиот сообраќај може многу брзо да колабира, ако не се преземат некои активности. Во прв ред законски со кои ќе се овозможи на помали години да се полагаат возачки испити, да се направат одредени бенефиции за оние кои сакаат да бидат возачи на автобуси, но и во однос на подобрување на социјалниот статус на возачите – вели Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.

Дека има потреба од возачи покажуваат и огласите за вработување каде што доминира побарувачката на возачи со Ц и со Е категорија, кои се бараат за управување камион со приколка. Голем број од огласите се од странски транспортни компании кои со понуда на повисоки плати и со подобри услови за работа се обидуваат да преземат дел од возачите на домашните превозници.

Подготвено од М.Д.

About Author