08.01.2025 Скопје
Од 51,3 долари за рачно изработено оружје до 1.200 долари и повеќе за „калашников“ или митралез: мексиканските власти официјално ја одредија цената на оружјето што граѓаните се поканети да им го предадат на властите како дел од официјална програма.
Ценовникот беше објавен во понеделникот во владиниот службен весник и е многу детален, вклучувајќи оружје и калибри. Оттука, збогувањето со оружјето ќе чини од 4.080 пезоси (200 долари) по рачни ракетни фрлачи до 26.450 пезоси (1.300 долари) по митралез, лесен или тежок.
Владата ја објави програмата „Да за разоружување, да за мир“ за да го поттикне „предавањето“ на оружјето со „економски стимулации“, според официјалниот весник на федерацијата на 32 мексикански држави. Во проектот ќе бидат вклучени министерствата за одбрана, внатрешни работи и јавна безбедност.
На 17 декември, мексиканската влада објави, како дел од оваа кампања, дека на граѓаните ќе им биде дозволено да го депонираат оружјето во црквите низ целата земја. Претседателката Клаудија Шејнбаум тогаш инсистираше на тоа дека нема да бидат покренати кривични пријави против одметнати сопственици на оружје како дел од нејзиниот „сеопфатен стратешки“ план за враќање на безбедноста.
Програмата првично беше имплементирана од мај 2019 година во Мексико Сити, изготвена од Шејнбаум кога беше градоначалничка на главниот град со 9,2 милиони жители.
Тоа им овозможи на властите да запленат 8.797 пиштоли, додека речиси 1,2 милиони куршуми и другите видови муниција биле повлечени од оптек од јануари 2019 година до мај 2024 година, соопштија општинските власти.
Во 2023 година, во Мексико биле извршени 31.062 убиства, 70% со употреба на огнено оружје, според прелиминарните податоци на Мексиканскиот национален институт за статистика.
Според поранешниот претседател и сегашен ментор, Андрес Мануел Лопез Обрадор, три четвртини од убиствата им се припишуваат на организираните криминални банди, кои се борат – меѓу другото – за контрола на пазарите или патиштата за шверц на дрога.
Мексиканската влада, исто така, инсистира на поврзување на тековниот бран на насилство од бандите со нелегалната трговија со огромно количество оружје од САД во Мексико.
Подготвено од М.Д.