
31.01.2025 Скопје
Претседателката на француската десница, Марин Ле Пен, изјави дека Франција треба да заземе цврст пристап кон земјите кои одбиваат да примат депортирани лица.
Таа како пример го спомена американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот притисок врз Колумбија да прифати депортации.
Британските медиуми пренесуваат дека Ле Пен посочила дека Франција треба да преземе слични мерки кон Алжир. Ле Пен во интервју за француската телевизија изјави дека Франција треба да биде „поагресивна“ со поранешните колонии како Алжир, користејќи ја тактиката на Трамп за воведување санкции и царини за да ги принуди да прифатат депортации.
Според Ле Пен, доколку Алжир не се согласи да соработува, Франција треба да го блокира трансферот на пари и да ги суспендира визите за Алжирците и нивните политички лидери.
Ле Пен нагласи дека Трамп успешно ги имплементирал тие мерки во првите денови на функцијата и го критикуваше францускиот министер за внатрешни работи Бруно Ретајо дека не направил доволно за имиграцијата.
САД депортираше Колумбијци, Мексиканци, а и неколку илјади Романци ќе треба да ја напуштат земјата.
Повеќе од 4,400 романски државјани во Соединетите Американски Држави се соочуваат со ризик од депортација согласно новата имиграциона политика на претседателот Доналд Трамп.
Подготвено од М.Д.