filharmonija-1

23.01.2025 Скопје

Македонската филхармонија вечер, под диригентство на Борјан Цанев, ќе го одржи концертот „Филхармонија на кирилица“, но без солист. Пијанистката Нина Костова го откажала својот настап од здравствени причини, а поради краткото време за наоѓање друг солист, на овој концерт ќе биде изведена само симфониска музика и ќе оди во еден дел без пауза.

На програмата останува Симфонијата бр.2 во це-мол, оп. 29, од рускиот композитор Александар Скрјабин (1872-1915), а изведена ќе биде и увертирата од операта „Хованшчина“ на рускиот композитор Модест Мусоргски, напишана во периодот меѓу 1872 и 1880 година која носи поднаслов „Национална музичка драма“.

Симфонијата бр. 2 во це-мол, Оп. 29, Скрјабин ја пишувал во периодот помеѓу 1901 и 1902 година. Во неа, како што наведува Филхармонијата, романтизмот е движечка сила, но воедно може да се почувстуваат и навестувања на мистични и трансцендентални мотиви, кои ќе станат доминантни во неговиот подоцнежен музички опус. Операта „Хованшчина“, пак, е позната по длабокиот емоционален сензибилитет типичен за опусот на Мусоргски, иновативната употреба на фолклорните елементи и претставува живописен портрет на руското општество.

Македонската филхармонија информира дека сите што имаат купено билети за првичната програмата на овој концерт, а не сакаат да присуствуваат на променетиот концепт, може да ги вратат на билетарницата на Филхармонија. 

Подготвено од М.Д.

About Author