31.01.2025 Скопје
Европските лидери веруваат дека ЕУ моментално заостанува зад своите конкуренти, САД и Кина, кога станува збор за технолошкиот напредок и развој на бизнисот, па затоа смислиле нов план што го нарекоа Компас за конкурентност. Компасот се состои од препораки дадени минатата година од поранешните италијански лидери Енрико Лета и Марио Драги и истакнува три клучни области на дејствување – иновации, декарбонизација и безбедност. Иако фокусот е ставен на технолошкиот развој, новите прилагодувања не треба негативно да влијаат на борбата на Европската комисија против климатските промени.
„Европа има се што и е потребно за да успее во трката кон врвот. Но, во исто време, треба да ги поправиме нашите слабости за да ја вратиме конкурентноста. Компасот за конкурентност ги претвора одличните препораки од Извештајот на Драги во план за акција. Сега имаме план. Имаме политичка волја. Она што е важно е брзината и единството. Светот не чека нас. За ова се согласуваат сите членови. Значи, да го претвориме овој консензус во акција“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Со оглед на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе царини за ЕУ, јасно е дека се потребни промени за да се заштитат индустриите членки. Покрај тоа, Кина забрзано напредува во индустрискиот и дигиталниот сектор, додека земјите-членки на ЕУ не се сепак на тоа ниво, затоа се потребни големи инвестиции.
Затоа иновациите се една од истакнатите области на активност. Европската комисија наведува дека е неопходно да се затвори иновацискиот јаз. Тие велат дека сакаат да создадат средина за млади и иновативни старт-ап, да промовираат индустриско лидерство во сектори со висок раст засновани на длабоки технологии и да го охрабрат ширењето на технологиите меѓу воспоставените фирми и малите и средни претпријатија.
Затоа, Комисијата ќе ги предложи иницијативите „Гигафабрики за вештачка интелигенција“ и „Примени вештачка интелигенција“ за да се стимулира развојот и индустриското прифаќање на вештачката интелигенција во клучните сектори.
Стратегијата на ЕУ за започнување и зголемување на бизнисите ќе ги реши пречките што го спречуваат тоа. Исто така, ќе ја поедностави примената на одредени правила, вклучувајќи ги релевантните аспекти на корпоративното право, законот за стечај, законот за работни односи и даноците и ќе ги намали трошоците за неуспех. Ова ќе им овозможи на иновативните фирми да имаат корист од единствен сет на правила каде и да инвестираат и работат на единствениот пазар.
Многу европски компании се пожалија на прекумерната регулатива што доведува до високи трошоци и слаби инвестиции поради регулативите воведени од Европската комисија за борба против климатските промени и овие правила треба да им помогнат на некој начин.
Втората точка, или клучната област на која се занимава Компасот, е заеднички план за декарбонизација и конкурентност. Високите цени на енергијата беа наведени како главна пречка за развојот и беше нагласено дека треба да се олесни пристапот до чиста и достапна енергија. Европа долго време страда од цените на енергијата кои се многу повисоки од оние на нејзините меѓународни конкуренти, откако војната во Украина го прекина снабдувањето со евтин руски гас.
„Претстојниот Договор за чиста индустрија ќе постави пристап за декарбонизација заснован на конкурентност, со цел да се позиционира ЕУ како атрактивна локација за производство, вклучително и енергетски интензивни индустрии, и промовирање на чиста технологија и нови кружни деловни модели. Акциониот план за достапна енергија ќе помогне да се намалат цените и трошоците на енергијата, додека Законот за забрзана индустриска декарбонизација ќе го прошири забрзаното издавање дозволи за секторите во транзиција. Дополнително, Компасот предвидува планирани акции прилагодени на енергетски интензивните сектори, како што се челикот, металите и хемикалиите, сектори кои го формираат столбот на европскиот производствен систем, но кои се најранливи во оваа фаза на транзиција“, се вели во соопштението на ЕК.
Потпретседателот на Комисијата Стефан Сежурне вети дека новиот план ќе ги поедностави регулативите без да влијае на еколошките цели.
Третата област на дејствување е намалување на прекумерната зависност и зголемување на безбедноста. Во моментов, ЕУ увезува разни клучни суровини од други земји, особено од Кина, а целта е да се намали оваа зависност. Способноста на ЕУ да ги диверзифицира и намали зависностите ќе зависи од ефективни партнерства, соопшти Европската комисија.
За да продолжи со диверзификација и зајакнување на европските синџири на снабдување, Компасот е посветен на истакнување на новите трговски и инвестициски партнерства за да обезбеди снабдување со суровини, чиста енергија, одржливи транспортни горива и чиста технологија од целиот свет. Тие нагласуваат дека со ревизијата на правилата за јавни набавки ќе се овозможи воведување европски преференции во јавните набавки за критичните сектори и технологии.
За да ја намали нивната зависност од Кина и другите земји за ретки суровини, Сежурне сака повеќе суровини да се експлоатираат во Европа. Тој рече дека веќе добил 170 проекти за експлоатација или истражување на рударството – кои често се соочуваат со локално противење поради влијанијата врз животната средина – и вети дека ќе го олесни издавањето дозволи за диверзификација на снабдувањето.
„Компасот за конкурентност“ на ЕУ би можел да ги поткопа работничките права, сметаат европските синдикати
Европските синдикати стравуваат дека „Компасот за конкурентност“, што Еврокомисијата го промовираше вчера со цел поттикнување на растот на економијата на блокот, би можел да ги поткопа правата на работниците во ЕУ.
Европската конфедерација на синдикати (ЕУТЦ) оцени дека „т.н. Компас за конкурентност“ дава „безброј ветувања“ за бизнис заедницата на ЕУ, но не вклучува посветеност на мерки што би биле од корист за обичните граѓани.
Иако е добредојден како прв чекор кон европската индустриска политика, овој нацрт бара преговори и значителна ревизија, изјави генералната секретарка на ЕУТЦ, Естер Линч, додавајќи дека со поволностите што им се даваат на европските компании се ризикува „поткопување на работничките права и работните услови“.
Линч истакна дека за синдикатите се неприфатливи и предлозите во „Компасот“ за пензиски реформи и „иницијативите кои промовираат подолг работен век“.
Компаниите нема да ги спасат регулативи кои ќе ги направат работните места помалку безбедни или кои ќе ги принудат луѓето да работат до 70-годишна возраст, додаде шефицата на Европската конфедерација на синдикати, која има околу 45 милиони членови ширум ЕУ.
Од друга страна, генералниот директор на Конфедерацијата на европскиот бизнис, Маркус Бејрер оцени дека „Компас за конкурентност“ обезбедува „координати и јасни насоки за да се донесе бродот до неговата дестинација“.
Според него, ЕК треба да даде приоритет на намалувањето на регулаторното оптоварување на бизнисите, ако сака да го исполни ветувањето за „олеснување на водењето бизнис во Европа“.
Поддршка за „Компасот за конкурентност“ изрази и втората влијателна организација на работодавачите во ЕУ, Европската тркалезна маса за индустрија (ЕРТ), која го поздрави „намалувањето на административните трошоци“ за сите компании од блокот.
Подготвено од М.Д.