Image by kues1 on Freepik

17.01.2025 Скопје

Дали финансиските друштва попознати како продавници за брзи кредити треба да се контролираат од Министерството за финансии или од Народната банка?

Прашањето се наметнува од фактот што овој финансиски сектор е брзорастечки и опфаќа кредитирање на потенцијално речиси половина од населението во земјава, а контролата на нивното работење е сведена на десетина инспектори во Министерството за финансии. Иницијатива за преминување на овие друштва под контрола на централната банка, се актуализира повторно бидејќи се смета дека Народна банка многу подобро би ги вршела супервизијата и надзорот на работата на овие друштва.

Вакво префрлање на надлежностите најавуваше и поранешниот министер за финансии Фатмир Бесими, но сегашната министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска по сѐ изгледа не го дели истото мислење.

Од Министерството за финансии велат дека досега нема иницијатива за промена на супервизијата и надзорот над финансиските друштва.

Согласно Законот за финансиски друштва надзорот над работата на финансиските друштва кои работат на пазарот во РС Македонија се врши од страна на Министерството за финансии и во овој момент нема иницијатива за промени. Имено, во јули 2023 година беа усвоени измени и дополнувања на Законот за финансиски друштва со кои, меѓу другото, се ограничија трошоците кои ги наплатуваат овие друштва, а сѐ со цел заштита на потрошувачите – корисници на кредити. Како резултат на овие законски измени беа донесени и неколку подзаконски акти – правилници, и врз основа на нив во текот на 2023 и 2024 година е спроведен засилен надзор кој придонесе за поголема дисциплина во работењето на финансиските друштва. При тоа не е евидентиран ниту еден случај на злоупотреба на лични податоци при подигнување на кредит – велат од Министерството за финансии.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини нема дилеми дека е потребна поголема контрола на овие друштва која тој смета дека Народната банка би можела подобро да ја реализира. Тој смета дека со тоа секторот не би бил извор за корупција, а граѓаните би добиле поголема заштита.

Мислам дека многу подобро би било регулирањето и контролата да ја има Народната банка. Таа е далеку поспецијализирана од Министерството за финансии каде што има поголема опасност од корупција бидејќи министерствата се покажа дека се поподложни на корупција. Дополнително и граѓаните би биле многу позаштитени ако контролата премине во Народната банка – вели Хајредини.

Економистот и поранешен пратеник Марјанчо Николов е со став дека прашањето треба да го решат заеднички Министерството за финансии и Народната банка а решението да биде во корист на граѓаните кои се најизложени на задолжување во овие друштва.

Секако главен интерес треба да биде сигурноста на граѓаните. При тоа треба да се има предвид независноста на централната банка, а секое решение да биде анализирано и од нејзина страна. Конечното решение треба да биде заедничко. Ако ме прашувате мене, мислам дека овие друштва во надлежност треба да ги има Народната банка која го контролира и врши надзор на останатиот финансиски сектор и тоа го прави мошне успешно. Сепак, како што реков, решението треба да го дадат Народна банка и Министерството за финансии – вели Николов.

Од Народната банка, пак, велат дека ова прашање е системско и треба да се решава со детална анализа на состојбата.

Промена во надлежностите врзани со супервизијата и надзорот на одделни сегменти на финансискиот систем е системско прашање, за кое се неопходни длабински анализи и претходни подготовки, особено со оглед на фактот што станува збор за голем број финансиски друштва. Инаку, во рамки на работата на Комитетот за финансиска стабилност, во кој членуваат сите институции и регулаторни тела во оваа област, Народната банка досега активно учествува во разгледувањето на сите отворени прашања и теми кои можат да имаат влијание врз финансиската стабилност – велат од Народна банка.

Оттаму наведуваат дека целите, задачите и надлежностите на Народната банка се утврдени во Законот за Народната банка.

Во согласност со овој закон, Народната банка во континуитет ги гради своите капацитети со цел соодветно лиценцирање и супервизија или надзор над банките, штедилниците, платежните институции, институциите за електронски пари и овластените менувачи, на кои отпаѓа околу 80% од вкупните средства на финансиски систем. Одговорноста за лиценцирање и супервизија на финансиските друштва е лоцирана во Министерството за финансии – додаваат од НБ.

Во земјава се активни 27 финансиски друштва. Финансиските друштва се еден од најдинамичните сегменти од финансискиот систем, чија актива во последните неколку години, е во постојан раст. Во 2023 година за кога има последни податоци од Народната банка, средствата на овој сегмент се зголемија за 24%, во чии рамки одобрените кредити коишто се главно кон физичките лица пораснаа за 26%.

Во 2023 година, показателите за изложеноста на финансиските друштва на кредитниот ризик се подобрија, но и понатаму се високи. Околу 57% од побарувањата на финансиските друштва се наплатуваат со одредено временско задоцнување. Позначителен раст бележи долгот кон финансиските друштва, неговото учество во вкупниот долг и е околу 4% и е незначителен за вкупниот долг на домаќинствата, но е значителен ризик за одредени категории домаќинства коишто се повисоко задолжени во однос на доходот.

Со законските измени од јули 2023 година, се создаде основа за зајакнување на регулаторните барања и стандарди при основањето и работењето на финансиските друштва заради намалување на слабостите во работењето поради кои беа на критики во јавноста. Така, врз основа на овие законски измени се зајакнаа барањата во однос на управувањето и капитализираноста на финансиските друштва, како и во однос на управувањето со ризиците, пред сè со кредитниот ризик, а се заострија барањата во однос на идентификација на кредитокорисниците. Исто така, се воведе ограничување на максималниот износ на дополнителните трошоци поврзани со кредитот, но должничкиот товар за корисникот на кредит од овие друштва и натаму е висок, бидејќи пропишаната висина на сите трошоци за кредитот, вклучително и каматата, го достигнува износот на главицата на кредитот.

Индустријата на небанкарските финансиски друштва вработува околу 1.000 луѓе.

Според видот на активностите коишто ги вршат, финансиските друштва би требало да претставуваат еден вид дополнување на кредитната активност на банките и штедилниците, особено за клиентите коишто имаат ограничен пристап до кредитите на банките поради нивните поконзервативни кредитни политики. Активностите на финансиските друштва опфаќаат „брзо“ одобрување кредити на мали износи, но со исклучително високи трошоци во најразлична форма (камата, провизии и други надоместоци).

Подготвено од М.Д.

About Author