GOTVENJE GOTVAC

24.01.2025 Скопје

Италијанскиот министер за земјоделство и суверенитет на храна Франческо Лолобриџија објави нов предлог-закон со кој на италијанските готвачи ќе им се даде повластен работен век, нешто што Италијанската федерација на готвачи го бара со години.

Тие тврдат дека работата на готвач е исто толку психофизички напорна како и скоро сите работни места кои сега се на италијанската листа на субвенционирани занимања, од рудари и нуркачи до болничари.

На церемонијата на доделувањето на наградата Albo d’Oro Federcuochi-FIC што се одржа во Домот на пратениците на италијанскиот парламент, на која признанија добија околу стотина готвачи, министерот Лолобриџида рече дека сака да го промени статусот на готвачите во Италија и дека ќе разговара со министерот за труд за нивната „исклучително напорна работа“.

Додавањето готвачи на списокот на занимања со бенефициран работен стаж во Италија би значело дека оние кои работат во кујната можат да се пензионираат на возраст од 63 и 36 години стаж, а државата ќе им плаќа најмногу 1.500 евра месечно бруто додека не го исполнат условите за старосна пензија (67 години).

Подготвено од М.Д.

About Author