25.01.2025 Скопје
Италија има намера да го заврши планот до крајот на 2027 година кој ќе овозможи повторно користење на нуклеарната енергија и ќе ја укине забраната наметната пред речиси 40 години, потврди министерот за енергетика Жилберто Пичето Фратин.
Нуклеарните централи беа забранети во Италија по референдумите во 1987 и 2011 година, а владата сега работи на регулативи кои ќе ја укинат забраната со користење на нови технологии за нуклеарна енергија. Мали и софистицирани модуларни реактори би можеле да помогнат да се декарбонизираат најголемите загадувачи во италијанската индустрија, вклучително и производството на челик, стакло и плочки, според владата на премиерот Џорџија Мелони.
„Италија е подготвена повторно да користи нуклеарна енергија и оваа клучна одлука нема да ги замени обновливите извори, туку ќе ги надополни и ќе обезбеди избалансиран и одржлив енергетски микс“, рече министерот Фратин. Првиот нацрт на законот ќе биде доставен до Владата на усвојување во следните две недели, додаде Фратин.
Италија проценува дека уделот од 11 отсто на нуклеарната енергија во енергетскиот микс ќе ги намали трошоците за декарбонизација на економијата за 17 милијарди евра до средината на векот. Во Планот за енергетика и клима (ПНИЕК) неговото учество се проценува до 22 отсто, забележува министерот за енергетика.
Италија ја зачува клучната експертиза во нуклеарниот сектор. Државната енергетска компанија „Енел“ управува со нуклеарни централи во Шпанија, а енергетската компанија „Ени“ инвестира во проект за развој на реактор за нуклеарна фузија во САД.
Италија е во преговори со неколку компании, вклучително и американската енергетска групација Вестингхаус и француската ЕДФ, кои би можеле да ја преземат улогата на потенцијални партнери на државната компанија во изградбата на софистицирани нуклеарни реактори. Enel, Ansaldo и производителот на оружје Леонардо работат на основање државна компанија за изградба на нуклеарни реактори.
Подготвено од М.Д.