SUDAN GLADNI DECA

15.01.2025 Скопје

Потребни се многу поголеми инвестиции во истражувањето, производството и во дистрибуцијата на храна, за да се спречи глобалната криза со глад во наредните децении, апелираа над 150 добитници на Нобеловата награда и на Светската награда за храна со отворено писмо до светската јавност.

Во писмото се наведува дека околу 700 милиони луѓе денес се соочуваат со „несигурност во храната и со очајна сиромаштија“. Доколку не се направат „невидени напори“ за производство на повеќе храна, многу повеќе луѓе ќе бидат во таква ситуација поради климатските промени, војните и порастот на населението.

„Колку и да е тешко и непријатно да се замисли, човештвото се движи кон ситуација во која до средината на векот несигурноста во храната ќе биде уште поголема, а светот уште понестабилен отколку што е денес“, се вели во писмото потпишано од 153 добитници на двете награди.

Потписниците укажуваат дека климатските промени ќе ја намалат продуктивноста на повеќето производи што се главна храна. Потребни се значителни зголемувања, за да се нахрани светската популација која ќе се зголеми за 1,5 милијарда луѓе до 2050 година.

Во писмото се истакнува дека ако драстичното се зголеми финансирањето за истражувања, заедно со поефикасни начини за споделување информации и за дистрибуција на храна, може да спречи кризата со гладта.

Добитниците на наградите повикуваат на „трансформациски напори“, како што се подобрување на фотосинтезата кај основните култури како пченицата и оризот, развој на култури кои не се потпираат толку многу на хемиски ѓубрива и продолжување на рокот на траење на овошјето и зеленчукот.

Подготвено од М.Д.

About Author