29.01.2025 Скопје
Премиерката на Данска, Мете Фредериксен ја почна турнејата низ европските метрополи за да собере поддршка, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе го припои Гренланд со сила.
Таа се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц и директно не ги спомна „заканите на Трамп“, но нагласи дека е потребно уште поизразено единство во ЕУ поради „неизвесноста“.
Шефот на француската дипломатија Жан-Ноел Баро изјави дека Франција е подготвена да испрати војници на Гренланд, но дека Данска го одбила тој предлог.
Данска најави дека ќе инвестира дополнителни 14,6 милијарди круни (околу 2,05 милијарди долари) за дополнително зголемување на безбедноста на Арктикот, заедно со автономната територија на Гренланд и Фарските Острови. Договорот вклучува три нови арктички бродови, повеќе беспилотни авиони со долг дострел со напредни способности за сликање и посилни сателитски способности.
„Европската Унија не преговара за Гренланд и секако ја поддржува својата членка Данска, чиј автономен регион е Гренланд“, изјави вчера во Брисел високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.
Трамп и во 2019 година сакаше да го купи Гренланд.
Подготвено од М.Д.