04.12.2024 Скопје
„Зелен хуман град“ во вторник, на 10 декември, во 16:00 часот закажа протест против захадениот воздух во главниот град. Протестниот марш ќе започне пред Министерството за животна средина, а потоа ќе се одвива пред Собрание и пред Влада.
Се бара изработка на план за режим на сообраќај кој ќе се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачки материи и доколку тоа трае подолго од 24 часа и усвојување на Правилник за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура.
Како среднорочни мерки се бараат поставување на густа локална мрежа од мерни станици, по една на максимум 1.500м2, со приоритет на обиколување индустриски капацитети и погони (А и Б-интегрирани дозволи) и изградба на примарна и секундарна вело-мрежа.
Се бара на јавните објекти и институции под надлежност на Владата, градовите и општините да сепостават фотоволтаични системи и субвенции за фотоволтаични системи за индивидуални домаќинства.
„Анализите со кои се обвинуваат домаќинствата како главен извор на загадувањето во текот на зимските месеци имаат низа недостатоци. Но, иако не е утврден точниот удел на загадувањето од загревање на домаќинствата, субвенциите за обновливи извори обезбедуваат енергетска правда и намалуваат загадување, особено во населените места каде што се користи дрва или биомаса за греење“, порачуваат екоактивистите.
Се предлага воведување субвенции за енергетски ефикасни фасади на објекти за индивидуално домување и систем за самоизнајмување велосипеди,како и „високоразвиен јавен превоз издвоен од останатиот сообраќај“.
Сѐ што треба е само да дојдете и да застанеме рамо до рамо за чист воздух! Скопје мора да дише!РС Македонија мора да дише!, повикува организаторот.
Подготвено од М.Д.