
16.12.2024 Скопје
Амбасадорите на Европската унија повторно ќе се сретнат денеска во Брисел по четири средби без постигнат договор за отворање нов кластер за Србија.
Уште една шанса амбасадорите во Брисел да зборуваат за отворање на Кластерот 3 добија на инсистирање на Унгарија, која претседава со ЕУ до крајот на годинава.
Во очекување на одлуката за отворање на Кластерот 3 во преговорите со Србија, министрите одговорни за надворешни и европски прашања на Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и Словенија – во групата Пријатели на Западен Балкан, испратија писмо до претставниците на ЕУ во кое се наведува дека е време за одлучувачки напредок во интеграцијата на Западен Балкан.
Во писмото се наведува дека Западен Балкан ќе биде „геостратешки лакмус тест за Европската унија“, и дека само со интегрирање на овој регион во семејството на ЕУ може да се обезбеди стабилност и просперитет на целиот континент.
Земјите-членки на ЕУ во петокот не постигнаа договор за отворање на Кластерот 3 во преговорите со Србија.
Како што информираа тогаш дипломатски извори, на состанокот на амбасадорите на земјите-членки немало разговори за Србија бидејќи неколку земји-членки не се согласиле со предлогот на унгарското претседателство да се покрене процедура за отворање на Кластерот 3.
Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во три наврати во изминатите недели не успеаја да постигнат договор за отворање на Кластерот 3 во пристапните преговори со Србија.
Подготвено од М.Д.