11.12.2024 Скопје
“Винодонија 2024“ ветува уште една незаборавна винска манифестација која ќе го обедини најдоброто од светот на виното. На 13-ти и 14-ти декември, хотел „Мериот“ во Скопје ќе биде домаќин на над 70 винарии од РС Македонија и странство, кои ќе изложат повеќе од 500 врвни вина, нудејќи уникатно искуство за винската публика.
Овој настан има за цел да ја подигне винската свест, да ги зближи љубителите на виното со најдобрите производители и да ја поттикне културата на вино кај македонските потрошувачи. Освен извонредниот избор на вина, “Винодонија“ и оваа година донесува ексклузивен гастрономски дел, со присуство на над 15 изложувачи кои ќе презентираат деликатеси што совршено се надополнуваат со виното.
Посетителите ќе имаат ретка можност да учествуваат и во едукативни активности кои ќе го збогатат нивното знаење и љубов кон виното. Програмата вклучува седум мастер класи и работилници водени од светски и домашни вински експерти. Љубителите на виното ќе можат да научат повеќе преку тематски предавања како што се: „Во долината на винската среќа – Дегустација на вина од северна Рона, Франција“, „Во светот на меурчињата“, „Едукативно предавање: Вино и срце“, како и уникатната „Голема вертикална дегустација на Merlot Single Vineyard на винарија Камник“.
Специјален дел од програмата се и работилниците „Запознај ја винска Унгарија“, „Ризлинг – сорта за префинети и долговечни вина“ и „Враќање во иднината – новоформирани вински сорти од Србија“. Проект-менаџерот на “Винодонија 2024“ Дејан Донев, истакна дека оваа манифестација е повеќе од изложба на вина. „Винодонија 2024“ е платформа за винариите да се претстават пред префинета винска публика, која вклучува гости од ХоРеКа-секторот, угостители и љубители на виното. Ова е шанса за сите учесници да создадат нови контакти, да ги прошират своите пазари и да ја раскажат својата винска приказна на начин кој инспирира,“ вели Донев.
Публиката ќе може да го посети најпрестижниот вински салон на просторите на поранешна Југославија (и Балканот), а во нашето Скопје. “Винодонија 2024“ е повеќе од винска манифестација – тоа е настан каде што виното станува уметност, култура и доживување. Затоа не пропуштајте ја оваа можност за незаборавно целодневно винско искуство, на 13-ти и 14-ти декември 2024 година, во “Мериот“.
Подготвено од М.Д.