https://www.facebook.com/ustaven.oficijalna.stranica/photos/a.102609862302690/102614638968879

11.12.2024 Скопје

На денешната седница како прва точка ќе расправаат за оспорениот Закон за јазиците за кој има 12 иницијативи. Пред зградата на Судот од вчера претпладне полицијата ги зајакна безбедносните мерки. Поставени се железни огради од сите страни што значи дека денеска изутрина би можел да биде воведен ограничен режим на движење. Состојбата е неизвесна откако лидерот на ДУИ Али Ахмети прексиноќа испрати заканувачки пораки. Наспроти тоа, премиерот Христијан Мицкоски порача дека состојбата е „под контрола и дека не треба да се наседнува на провокациите“.

Со закани од редовите на ДУИ дека „нема да има мир ако се оспори Законот за употреба на јазиците“ но и ставот на премиерот Христијан Мицкоски дека состојбата е „под контрола и дека не треба да се наседнува на провокациите“ Уставниот суд денеска во 9.30 часот ќе ја започне седницата посветена на оценка на уставноста на контроверзното законско решение. Пред зградата на Судот од вчера претпладне полицијата ги зајакна безбедносните мерки. Поставени се железни огради од сите страни – на почетокот на мостот „Око“ кај ГТЦ, од страната на Камениот мост, од страната на Националната опера и балет покрај кои дежураат полицајци. На граѓаните им беше овозможено поминувањето покрај зградата но нема да биде неочекувано доколку денес изутрина биде воведен ограничен режим.

Судот, пак, од своја страна вчера уредно го најави одржувањето на седницата на која вкупно ќе се разгледуваат десет иницијативи за оценување на уставност и законитост, едно барање за заштита на слободи и права… Но, како прва точка ќе биде Законот за јазиците за кој има 12 иницијативи поднесени од повеќе лица, организации и партии

Инаку, под шаторите кои пред Судот ги поставија „интегративците“ околу пладне имаше сосема мал број на луѓе. Додека шаторот кај Камениот мост беше целосно празен, под оној кај службениот влез имаше одвај десетина лица кои ја држеа партиската „Стража за јазикот“. Прексиноќа, пак, имаше повеќе партиски активисти пред кои заканувачки пораки испрати лидерот Али Ахмети.

Ние бараме Уставниот суд, ако е навистина Уставен суд кој дели правда, ако е суд кој размислува за демократија во државава, за мир и стабилност, а не е суд кој става бензин врз огнот, да ги отфрли сите иницијативи, да нѐ остави на раат да си одиме дома. Нема да има мир ако не биде така… Далеку рацете од промената на Законот за јазиците. Ако сте добри и визионерски политичари, вие ќе го унапредевте јазикот, а не да го укинувате…, рече тој по седницата на Централното претседателство на партијата.

Ахмети директно му се обрати и на премиерот Христијан Мицкоски од кого, како што рече, очекувал да излезе и да каже дека е за соживот, дека го почитува албанскиот народ и да го унапреди албанскиот јазик и во меѓународна употреба.

Зошто ова не го направи, туку цело време, веќе седум години, се повикуваш дека Македонците имаат изгубено многу од владеењето со Албанците. Зошто г. Христијан, ти и многу други политичари и аналитичари во земјава ме обвинувате и мене и Албанците зошто дојде до војната во 2001 година? Војната престана со компромисот кој не ги задоволи страните. И ние сме незадоволни од компромисот, но компромисите се најдоброто решение, како за нас, така и за вас. Затоа почитувајте го Охридскиот рамковен договор и немојте да допирате во сржта на Албанците затоа што не е добро ниту за вас ниту за нас. Оваа држава е заедничка и не може да има само една страна којашто ќе доминира, рече Ахмети.

Во вчерашното партиско соопштение „интегративците“ упатија повик и до граѓаните.

Законот за употреба на јазиците е основен столб на еднаквоста и на правдата, на зачувување на принципите на Охридскиот договор. ДУИ останува посветена на заштитата на овие вредности и ќе продолжи со својот ангажман без отстапки. Ги повикуваме сите граѓани и институции да ја поддржат заштитата на овие достигнувања, без да дозволат напорите за правда и еднаквост да бидат нарушени, наведоа од ДУИ.

На ова вчера одговори премиерот Христијан Мицкоски кој потсети дека на конечната одлука во Уставниот суд ќе ѝ претходи процедура која може да трае со месеци и со години. Тој додаде дека ДУИ, во чиј мандат се изгласани уставните судии, сакаат да креираат впечаток во јавноста дека одлуката на седницата закажана за утре, не е донесена благодарение на нивниот политички притисок.

„Тие точно знаат дека, за да дојдеме до конечно решение, какво и да е, најпрвин тој судија што е надлежен треба да им го објасни случајот на своите колеги, па има јавна дискусија, па подготвителна седница, тоа е процес којшто ќе трае со месеци, можеби и со години. Што беше нивната цел? Нивната цел беше сега како политички глодари да начекаат, да видат дека еве сега знаеме како идат процедурите ние ќе правиме политички притисок и кога нема ништо утре да се случи да излезат во јавноста нормално, тоа може само политички глодари да го прават, да излезат и да кажат еве поради тоа што ние правевме притисок се одложи сето ова. Не функционираат така работите, а на нив им е многу јасно како функционираат работите. Затоа ги молам уште еднаш нашите сограѓани Албанци, Македонци, сите, да бидат смирени целата работа е под контрола, се е под контрола, да не дозволиме да наседнуваме на провокациите на овие луѓе. Не ни е потребно, нагласи Мицкоски.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, пак, вчера порача дека партиските лидери и политичарите треба да се воздржат од коментари и да го остават Уставниот суд да работи со гласно Уставот и Деловникот.

Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и лидерите на партиите и политичарите треба да се воздржат од коментари. Најмалку што можат да сторат е да го остават Уставниот суд да си работи согласно Уставот и Деловникот, рече Давкова.

Во медиумите завчера попладне почнаа да се објавуваат и неофицијални информации дека уставните судии нема да ја оспорат уставноста на целината на Законот.  Она што се предлага е поведување постапка за оценување на уставноста за општи формулации во неколку члена од законот, како и две конкретни одредби – за симболите на парите и за водењето на судските постапки. Членовите или деловите од членовите за кои се предлага поведување постапка за оценување на уставноста се и дел од забелешките на Венецијанската комисија во нејзиното мислење за законот од 2019 година.

Содржината на оспорениот Закон за употреба на јазиците во целина ја имаат својата уставна основа и оправданост во амандамнот  на Уставот на Република Северна Македонија. Оттука, сметаме дека не може да се поведе под сомнение неговата уставност ниту во поглед на овој амандман, ниту со член 51 ставовите 1 и 2, член 8 став 1, како што е наведено во иницијативите… Не се исполнети условите… да се прифатат барањата во иницијативите, до донесувањето на конечна одлука, Судот да донесе решение за времена мерка со запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот закон, пишува во рефератот во кој овој портал имал увид.

Најголем број од спорни делови од членови се однесуваат на употребени формулации, односно на нивна непрецизност. Така, во рефератот се забележува дека иако во членовите од Законот за употреба на јазиците се набројуваат институциите што треба да обезбедат поголеми јазични права, на неколку места дополнително се користат непрецизни формулации. Судијата известител укажува на несоодветна употребата на изразот албански јазик а, според рефератот, пропишаната форма со која се предвидува водење на судските постапки и на македонски и на друг јазик, нема основа ниту во Уставот ниту во Рамковниот договор.

Подготвено од М.Д.

About Author