11.12.2024 Скопје
Трговијата, транспортот и хотелиерството ни ја билдаат економијата. Во третото тримесечје од годинава бруто домашниот производ (БДП) на земјава пораснал за 3 проценти што е еден од највисоките стапки на раст за овој период, споредбено со земјите од ЕУ и Европа.
Само пет земји-членки на ЕУ имаат повисока стапка на раст во третиот квартал. Што се однесува во регионот, помала стапка на раст во третиот квартал има две земји членки на ЕУ, тоа се Грција и Бугарија (2,4 проценти), Романија е во негативно салдо (-0,3 проценти), Словенија е 1 процент. Негативни се стапките на раст на Естонија, Австрија, Латвија, Германија итн.
Во третото тримесечје од 2024 година, поголем пораст е забележан во секторите: Трговија на големо и трговија на мало, Транспорт и складирање, Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, Стручни, научни и технички дејности, Административни и помошни услужни дејности.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2024 година, номинално растеше за 3,9 проценти, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 67,7 проценти. Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално е зголемен за 2,0 проценти.
Премиерот Мицкоски очекува раст сличен и повисок во четвртиот квартал со што би се доближиле на годишно ниво од 3 проценти, што е многу повеќе од предвидените 1,8 проценти.
Светска банка во есенскиот извештај за РС Македонија објавен во октомври, прогнозираше дека РС Македонија ќе биде со најлоша економија годинава и скромен раст од 1,8 проценти и дека така ќе продолжи и во наредните две години. Од банката изразија загриженост за влијанието на заемот од Унгарија врз јавниот долг. Една од причините за ваквите бројки е тоа што, иако се очекувало да започне реализацијата на Коридорите 8 и 10 Д тоа не се случило.
Министерката за економија, Гордана Димитриеска-Кочоска, пак, искажа оптимизам дека општините ќе реализираат дел од проектите и годинава ќе се заврши со поголем економски раст од оној кој го прогнозира банката.
Подготвено од М.Д.