TRAMP

11.12.2024 Скопје

За да ја намали државната потрошувачка новиот претседател на САД Доналд Трамп тргна од – себе. Тој најави дека ќе се откаже од платата што му следува како на шеф на држава, но и од пензијата на која има право.

„Нема да земам плата. Се откажувам од многу пари”, кажа Доналд Трамп во интервју и овој потег го прогласи за единствен во американската историја, тврдејќи дека е првпат американски претседател да не прифати пари за оваа задача.

“Освен Џорџ Вашингтон, можеби”, додаде тој и наведе дека се откажува и од пензијата на која има право.

Всушност, пред Трамп од претседателската плата се откажа – Трамп. Во првиот мандат сумата заработена од управувањето на државата им ја донираше на разни институции, вклучително и на таа за заштита на националните паркови.

Како што јавува Билд, станува збор за годишна плата од 400.000 долари (околу 380.000 евра). Меѓу европските лидери германскиот канцелар Олаф Шолц има најголеми примања – околу 360.000 евра, а следува неговиот австриски колега Карл Нехамер со околу 316.000 евра годишно. Унгарскиот премиер Виктор Орбан има значително пониски примања – неговата бруто плата изнесува месечно околу 16.000 евра.

Откажувањето од претседателската плата Трамп нема да го почувствува – списанието “Форбс” неговото богатство го процени на околу 2,2 милијарди евра. Иако е најбогат американски претседател во историјата, тој не е и најбогата политичка фигура глобално. На пример, саудискиот принц Мухамед бин Салман го контролира Саудискиот јавен инвестициски фонд вреден 930 милијарди долари, што му ги отвора вратите кон значајни финансиски ресурси.

Подготвено од М.Д.

About Author