26.12.2024 Скопје
На 11 и 13 јануари 2025 година, со почеток во 20.00 часот, Националната опера и балет (МОБ) ќе го одбележи големиот јубилеј – 30 години од првиот Традиционален концерт по повод празникот „Василица“. Овој спектакуларен настан, кој започна како програмски концепт во 1995 година, прерасна во еден од најпознатите и најпосетените културни настани кај нас.
Под диригентската палка на шпанскиот маестро Оливер Диаз, публиката ќе ужива во изведбите на светски познати арии и дуети од делата на големите композитори како Џузепе Верди, Џакомо Пучини, Франческо Чилеа, Пјетро Маскањи и други.
На сцената на МОБ ќе настапат гостите од Шпанија – сопранот Ирене Палазон и тенорот Хозе Луис Сола, заедно со оркестарот на Националната опера и балет.
Ирене Палазон е позната по својот чист тон, техничка прецизност и емотивни интерпретации. Со својата исклучителна кариера и настапи на водечки оперски сцени во Европа, таа се издвојува како една од најдобрите сопранистки од Шпанија.
Хозе Луис Сола, пак, е истакнат шпански тенор кој плени со својата разновидност и моќни интерпретации на класиците од Моцарт, Верди и Доницети. Неговите настапи на престижни сцени и во светот на сакралната музика дополнително го збогатуваат неговото реноме.
Билетите за овој уникатен музички настан се веќе достапни на билетарницата на МОБ и онлајн.
Не ја пропуштајте оваа единствена можност да бидете дел од јубилејното издание на Традиционалниот концерт „Василица“ 2025 и да уживате во магијата на оперската уметност.
Подготвено од М.Д.