08_HolidayDessertsAroundTheWorld__Turron_shutterstock_764221900

04.12.2024 Скопје

Совршено вкусна млечна чоколада која се топи во устата е еден од заштитните знаци на Швајцарија. Кои се причините што доведоа до вртоглавиот успех на швајцарската чоколада од нејзините пионери па сѐ до денес? И, како швајцарските производители се справуваат со вртоглавиот раст на цената на какаото на светските берзи?

Шопинг полиците на швајцарските маркети пред Божик заликуваат на волшебна бајка, а раката автоматски посега по секој чоколаден производ, совршено спакуван во светликава хартија, зад која се кријат извонредни вкусови. Чоколадните лампиони, дедомразовци, чоколадните куќички, елени и златни парички, сѐ уште имаaт сладок вкус. Сѐ додека не ја погледнете цената: 200-250 грама „тешка“ фигурина понекогаш ја надминува сумата од 10 франци.

Ако патот низ Швајцарија ве нанесе во една од слаткарниците и чоколатерии „Бахман“, неизбежно пред вас ќе се појави огромна чоколадна фонтана од која тече млечно чоколада во големи слапови. Или фасцинирано ќе зјаете во еден од ѕидовите по кој, исто така, се слева чоколада, додека околината наликува на онаа од приказната за Јованче и Марика – чоколадни куќички, зајци или дедомразовци, зависно од сезоната – Божик или Велигден кога потрошувачката на чоколада во Швајцарија се зголемува неколкукратно.

По прашањето за чоколада Швајцарците се прилично ортодоксни и не експериментираат премногу со странските вкусови, поради тоа што знаат дека швајцарските брендови „Линт“, „Каје“, „Фреј“, „Овомалтин“, „Камил Блох“, „Ледерах“, се најдобрите.

Чоколадата како подарок во оваа земја никогаш не е депласирана. Швајцарците почесто подаруваат чоколада или нешто што може да се изеде или испие, отколку предмет кој ќе собира прашина. Гигантската швајцарска чоколадна индустрија и неколку врвни производители буквално се натпреваруваат во креирањето нови вкусови, постoјано исфрлајќи на пазарот по некој нов и неиспробан.

Силнот домашен пазар комбиниран со швајцарската репутација како производител на врвна чоколада, ја претвори оваа земја во главен играч во глобалната чоколадна индустрија. Оваа индустриска гранка значително придонесува и за економскиот раст на земјата. Швајцарците се втори во светот по консумирањето чоколада по глава на жител, надминувајќи ги дури надалеку познатите љубители на чоколадата – Германците.

Триумфот на швајцарската чоколадна индустрија потекнува од една дамнешна иновација. Во 19 век швајцарските чоколатерии застанале на браникот на механизацијата на дотогашното мануфактурно работење. Визионерот на овој извонреден пробој е Франсоа Луис Каје, кој го иницирал ова патешествие, почнувајќи го првото механизирано производство на чоколада во 1819 година. Неговото напредно автоматизирано производство ја подобрува ефективноста на работата и ја намалува цената на чоколадните продукти.

Во 1875 година Даниел Петер, исто така поврзан со семејството Каје, ја започнува ерата на млечната чоколада. Тој почнува да го комбинира какаото со кондензираното млеко на Хенри Нестле – иновација која не само што ја ублажила првичната горчина на производот, туку ја подобрила и неговата хранливост и економскиот профит.

Производствениот процес на Рудолф Линт во 1879 го крева скалило погоре совршенството на швајцарската чоколада. Многубројните експерименти и мешањата на врвните состојки создале нежна чоколада што се топи во уста, која постави досега ненадминат стандард.

Годишниот обрт од производството на чоколада во Швајцарија е околу 1,32 билиони франци. Проценето е дека Швајцарија произведува приближно 180.000 тони чоколада секоја година. Државниот извоз на чоколада е со стабилен раст, освојувајќи ги огромните пазари како Германија, Франција, Канада и Велика Британија. Швајцарските чоколадни брендови како „Линт&Шпрунгли“ и „Фреј“ се глобално присутни со продукциски погони во Европа и САД и со дистрибутерска мрежа која се протега низ континентите.

Швајцарската чоколадна индустрија е предодредена за континуиран раст и успех и во годините што доаѓаат. Обемот на глобалниот пазар на швајцарската чоколада е проектиран да досегне 1,86 билиони франци профит до 2029, со годишна растечка стапка од 3,28 до 2030 година. Овој раст е придвижен од зголемената свесност и на купувачите за бенефитите од висококвалитетната чоколада, како и од побарувачката за специјално дизајнирани чоколади за секакви вкусови и диетални преференци. Како што барањата на консументите еволуираат, така и швајцарската чоколадна индустрија се адаптира на новите трендови. Посебно популарна стана темната чоколада која ја обожаваат околу 66% од консументите во француските кантони. Наспроти ова, млечната чоколада ја преферираат 70% од консументите во германските кантони. Големите производители исто така воведоа иновативни продукти како чоколада со висок процент на какао, но и нови помали формати за да ги пресретнат барањата на потрошувачите.

Усовршувањето на чоколадните продукти опфаќа повеќе маркетиншки сегменти. Синџирите маркети како „Коп“ и „Мигро“ нудат органски, но и фертрејд сертифицирани чоколади. Фокусот врз самооодржливоста е уште една од заложбите на швајцарската чоколадна индустрија и нешто на што швајцарскиот потрошувач обрнува големо внимание.

Швајцарија создаде цела платформа за одржливо производство на какао, со цел да ja поддржи со најмалку 80% неговата самоодржливост до 2025 година. Побарувачката од органско и фертрејд сертифицирано какао е мошне важна за швајцарскиот пазар, кој има највисока потрошувачка на органски и фертрејд производи по глава на жител во светот.

Порастот на цените на чоколадата последниве години се должи на ниските приноси на какао плантажите кои доведоа до рекордно високи цени на оваа суровина. Швајцарските производители и трговци исто така ги чувствуваат последиците.

Познати по својата традицонална швајцарска организираност и навремено планирање, некои од производителите и во вакви невремиња ги обезбедија потребните залихи суровини. Компанијата „Линт&Шпрунгли“ нема причини за загриженост. Како производител на врвна чоколада со седиште во Цирих, тие и покрај растечките цени на какаото остварија поголема добивка во претходната фискална година, иако цените на основните суровини пораснаа. Цената на какаото минатата година двојно се зголеми, бидејќи посевите со оваа билка не дадоа плод поради климатските промени.

Поради ваквата состојба групацијата „Линт&Шпрунгли“ создаде голема какао залиха. „Физички ги наполнивме нашите складишта со какао, бидејќи бевме загрижени дека нема да можеме да го добиеме квалитет кој ни е потребен и количината која ни е потребна”, вели раководството на оваа групација. На овој начин компанијата благовремено се заштити од растот на цената на суровините.

На крајот, но не и најмалку важно, зголемувањето на цените исто така влијаеше врз растот на профитот. „Линт & Шпрунгли“ ги зголемија цените ширум светот за 10,1 насто. Според шефот на оваа компанија, зголемувањето на цените е најлесно да се примени врз производи кои имаат улога на подароци – како златните дедомразовци и зајаци кои се неизбежни за празниците.

Од друга страна, најголемиот светски производител на чоколада „Бари Калебо“ со седиште во Цирих најави дека ќе укине 2.500 работни места. Главна цел, како што велат менаџерите на оваа компанија е, да се намалат неефикасните структури, но компанијата главно е загрижена поради турбуленциите на пазарот на какао.

Трговците на мало во Швајцарија исто така ги зголемија цените на полиците со чоколадата.

Според досегашните сознанија, поради климатските промени, најголемите производители на какао како Брегот на слоновата коска и Гана можат да станат претопли за оваа билка до 2050 година. Тие очекуваат значитело пониска жетва поради лошите временски услови.

Цената на какаото моментно е на рекордно високо ниво: 6.620 франци по тон. Неодамна го достигна максимумот на сите времиња, од над 6.500 франци. Според ова, во последните две години цената е зголемена за повеќе од 200 насто.

Инаку, со администрирани цени државите производители сакаат да обезбедат удел во бизнисот со какао. „Цената на какаото во дел од земјите производители се админстрирани од државата, со цел да бидат заштитени фармерите и да и гарантираат на државата сигурен приход” –  велат експертите.

Подготвено од М.Д.

About Author