27.12.2024 Скопје
Премиерот Христијан Мицкоски на собраниската седница за пратенички прашања рече дека се преговара за нови 15 странски инвестиции, од кои за едната е во вредност од 360 милиони евра, со 500 нови добро платени работни места.
„Имаме нови, но имаме и такви кои беа заборавени од претходната влада, а започнати кои што сега ние ги одглавивме заедно со институциите кои што работат во реализација на инвестирање и тие веќе се во процес на инвестирање и се разбира договоривме нови кои што ќе почнат да се реализираат следната година. Станува збор за нови 2.800 работни места, а веќе сме во процес на нови 15 кои што веќе ги преговараме и се во завршна фаза, од кои едната ќе биде голема од 360 милиони евра, која што очекуваме откако ќе ги завршиме разговорите следната година јануари месец да ја објавиме, нешто што ќе значи огромна сума на пари кои ќе влезат во извозното портфолио на државата, 500 нови вработувања високо платени, современа технологија“, истакна Мицкоски.
Според премиерот, денеска се поставуваат темелите на тоа како треба да изгледа македонската економија за 5 – 10 години од денес.
„И мислам дека оваа инвестиција од висока технологија ако биде сè како што треба, ќе значи ново огромно влијание позитивно врз БДП кога ќе го достигне својот максимум таму некаде 2028 година“, рече премиерот Мицкоски.
Подготвено од М.Д.