EU-Zapaden-Balkan-750x430

17.12.2024 Скопје

Иднината на Западниот Балкан е во ЕУ и затоа уште еднаш ја потврдуваме нашата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на регионот во Унијата, се наведува во Предлог-завршната декларација на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи утре во Брисел и на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани.

Како што е наведено во Декларацијата од Гранада, проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Од нашиот последен самит има нова динамика во процесот на проширување и забележителен напредок. Забрзувањето на пристапниот процес, заснован на кредибилни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и принципот на индивидуални заслуги, е во наш заеднички интерес, се наведува во предлог-текстот.

Во текстот натаму се посочува дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се сржта на Европската Унија, па затоа од суштинско значење е спроведувањето на меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучително и на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

Се уште се потребни решителни дополнителни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и за изнаоѓање и спроведување на дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашањата вкоренети во наследството на партнерите од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и со Договорот за прашањата за сукцесија, како и за случаите на исчезнати лица и прашањата за воените злосторства, се вели во предлог текстот на „Бриселската декларација“.

Во текстот се додава дека европските лидери се посветени на приближување на партнерите од Западниот Балкан кон ЕУ уште во текот на пристапниот процес.

Нивната постепена интеграција веќе започна во различни области на политиката, подготвувајќи го теренот за пристапување и носејќи конкретни придобивки за граѓаните, на реверзибилен начин заснован на заслуги, се вели во предлог-документот.

Во декларацијата се нагласува и дека Планот за раст на Западниот Балкан има потенцијал да го удвои економскиот раст на регионот во следната деценија и да ја забрза социо-економската конвергенција меѓу регионот и Европската Унија, под услов „партнерите да ги спроведат реформите поврзани со ЕУ“.

Подготвено од М.Д.

About Author