5-TAV-M-EVN-M

12.12.2024 Скопје

ЕВН Македонија во партнерство со ТАВ Македонија воведуваат четири станици за полнење за електрични возила на аеродромите во Скопје и во Охрид. Компаниите во заедничко соопштение велат дека новата услуга е „во согласност со стратегиите за одржливост и посветеноста кон квалитетот на живот на корисниците“ и ќе биде „дополнителна погодност“.

„Новопоставените станици за полнење на електрични возила кои работат на наизменична и еднонасочна струја се стратешки лоцирани на паркинзите на двата аеродрома и можат истовремено да полнат до осум електрични возила – шест на аеродромот во Скопје и две на охридскиот“, се вели во соопштението.

Волфганг Маиер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија изјави:

Како прва компанија што воспостави национална инфраструктура за полнење електрични возила, продолжуваме да ги интензивираме нашите напори за проширување на мрежата за брзо полнење преку силни партнерства со бизнисите и локалните заедници. Нашата соработка со ТАВ Македонија ни овозможува дополнително да ја поддржиме мобилноста на сопствениците на електрични возила, што е дел од нашата долгорочна стратегија. Покрај обезбедувањето на преку 100 точки за полнење во 18 различни градови низ земјата, се фокусираме и на поставување брзи полначи долж клучните патнички коридори што возачите ги користат за национални и за меѓународни патувања.

Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија вели дека ТАВ Аеродроми се возбудени од новата услуга и можност за полнење е-возила на аеродромите.

Подготвено од М.Д.

About Author