Orce-i-Perinski-696x383

18.12.2024 Скопје

И министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, се гледаат себеси како идни скопски градоначалници. Двајцата велат дека можат да одговорат на тој предизвик.

Во последното телевизиско гостување, Ѓорѓиевски вели дека секојдневно добива поддршка од граѓаните за тоа, но објаснува дека треба да се спроведе анкета во политичката партија од која доаѓа, односно во ВМРО-ДПМНЕ, па доколку биде кандидиран од неа, вели дека е длабоко убеден оти ќе ја добие поддршката од граѓаните на тие анкети.

Кога ја наследив, Кисела Вода беше во многу слична ситуација како онаа во која е денес Градот Скопје и мене ми е исклучително драго што граѓаните перципираат во мене човек што може да го реши хаосот во градот. И да, мислам дека можам за релативно кратко време, откако би ја презел таа позиција, да го решам овој хаос што им се случува на Скопје и на скопјани – дециден е Ѓорѓиевски.

Тој додава дека е потребна макотрпна работа, но смета дека со добар тим сè е надминливо.

Изминатиов период од три години се покажа дека, за мене, не постои проблем што не може да се надмине, што не може да се реши, многу проблеми што беа повеќедецениски во мојата општина, заминаа во историјата. Има уште една рака, на рака се бројат проектите што ми се останати од целокупната што сум ја ветил пред граѓаните за да се дореализираат, но имам уште нецела година за да го сторам тоа и длабоко сум убеден дека ќе го сторам тоа, што не беше случај во минатото – потенцира Ѓорѓиевски, наведувајќи дека има резултати со својот тим, со кој, како што вели, би можеле да го доведат Градот Скопје, за релативно кратко време, во добра кондиција. Верува дека и граѓаните се свесни за тоа.

Скопје би било предизвик што сериозно би го прифатиле и би настапиле со сериозен концепт за да го решиме овој хаос – рече Ѓорѓиевски.

На прашањето дали има ривал во партијата за таа позиција, Ѓорѓиевски истакна дека е многу позитивно да има конкуренција во секоја работа, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е партија која има сериозен кадровски потенцијал и која на крајот ќе донесе правилна одлука.

Неговиот извесен конкурент, Златко Перински, тврди дека системски се уништува Скопје и дека  може да се ревитализира само со системски решенија и со добро менаџирање. Но, вели дека никогаш нема да дозволи да има внатрепартиска битка.

Со тие луѓе, јас сум растел и сум се развивал во политичкиот живот. И сега го зборувам ова од мое гледиште и, верувајте ми, така ќе биде до крајот на овој процес. Самата партија, врз основа на анкетите, врз основа на задоволството на граѓаните од оние перформанси што ги испорачуваме ние како јавни функционери, ќе донесе одлука кој ќе биде потенцијален кандидат за градоначалник на Скопје – беше последната изјава на Перински во телевизиското гостување околу аспирациите да биде градоначалник на Град Скопје.

Тој ги повика сите други што функционираат на територијата на Град Скопје, а се членови на ВМРО-ДПМНЕ и активно се вклучени во политичкиот живот, да пројават интерес за оваа позиција, бидејќи, како што нагласи, на тој начин ќе се стимулира квалитетот.

Подготвено од М.Д.

About Author