ohridsko-ezero-kaj-struga-iskra4-1024x672

04.12.2024 Скопје

Денеска во Стразбург Постојниот комитет на Бернската конвенција ќе го разгледува спроведувањето на препораките за отворениот случај за заканите врз Охридското Езеро и Националиот парк Галичица. Државата во изминатата година не спроведе ниту една од 15 препораки, а за 4 од препораките состојбата е уште полоша.

Минатата недела Центарот за светско наследство го објави Извештајот на мисијата на УНЕСКО од 2024 година. Пп трет пат експертите заклучуваат дека Охридскиот регион ги исполнува критериумите за светско наследство во опасност, додавајќи дека несоодветните интервенции, урбанизацијата, неадекватното просторно планирање, инфраструктурните проекти, итн. нанесуваат неповратна штета поради што Охридскиот Регион може да ја изгуби Исклучителната универзална вредност во краток до среден временски период.

Невладината организација Фронт 21/42 работи на зачувување на Охридскиот регион полни десет години. Тие немаат сомневање дека единственото светско природно и културно наследство во земјава е жртва на невладеење на правото.

„Нашиот последен случај многу точно го илустрира уништувањето на вредностите благодарение на неспроведувањето и кршењето на законите токму од страна на институциите чија основна должност е истите да ги спроведуваат.

Во април 2023 година, при една од редовните посети на терен, увидовме незаконски градежни активности на територијата на Студенчишко Блато, додека за истото важеше (и сеуште важи) Решение за привремена заштита.

Веднаш испративме инцијативи за инспекциски надзор до Државниот инспекторат за животна средина и до општинскиот градежен инспектор, кои прераснаа во шест месечна комуникација со сите релевантни иснпекциски служби – ДИЖС, Инспекциски совет, Државен управен инспекторат, Државен градежен инспекторат и локални инспектори при Општина Охрид. Исходот од сето тоа беше непречен развој на нов урбан комплекс во рамки на блатото.

Ниту еден инспектор од сите надлежни инспекторати не ги спроведе доследно законските обврски. Од седум постапки на шест државни и два локални инспектори, за флагрантно кршење на повеќе релевантни закони и серија на кривични дела – само за еден надзор се изготвија решенија и тие беа очигледна празна формалност; не се спроведе ниту еден контролен надзордури ни по известувањето од Фронт 21/42 дека состојбата на терен е влошена. Благодарение на неспроведувањето на службената должност од страна на инспекторите, деградацијата на најзначајната од деветте жешки точки за биодиверзитетот на Охридското Езеро, ескалира – и сето тоа за имотна корист на сторители на кривични дела.

Работејќи на случајот со дивоградбите, откривме дека земјиштето на кое се развива овој незаконски урбан комплекс е приватизирано противзаконски, благодарение на одговорни лица од Министерството за финансии и Државниот правобранител.

Парцелите со дивоградбите (заедно со други околни парцели) се приватизирани како градежно земјиште во државна сопственост, додека во реалноста отсекогаш биле и се уште се земјоделско земјиште. Приватизацијата е спроведена од одговорни лица од Управата за имотно правни работи при Министерството за финансии, кои издале Решенија за приватизација на градежно земјиште за кое знаеле дека е земјоделско и за кое немале никакви ингеренции да постапуваат. Дополнително, овие лица незаконската постапка ја спровеле врз основа на член кој овозможува приватизација (на државно градежно земјиште) без никаков надоместок. Во целиот процес се вклучени и вешти лица од истото министерство, а незаконските rешенија за приватизација на државно земјоделско земјиште станале правосилни благодарение на тоа што  Државниот правобранител (чија основна должност е да ги штити имотно-правните интереси на државата) не преземал никакви дејствија.

Ова е далеку од изолиран случај, напротив, нашето искуство е дека речиси во секоја постапка, речиси сите надлежни институции ги кршат речиси сите релевантни закони – една деценија директно сведочиме како управувањето со светското наследство и на централно и на локално ниво е дефиниција за невладеење на правото.

За случајот со дивоградбите и незаконски приватизираните парцели во Студенчишко Блато поднесовме пријави до Основното јавно обвинителство за организиран криминал, Државната комисија за спречување на корупција, кривични пријави против поединечни лица и известување до Инспекцискиот совет – останува да видиме дали било која од овие пријави ќе резултира со отстранување на дивоградбите и поништување на противзаконските решенија за приватизација на земјиштето. До сега, искуството ни покажува дека единствен начин барем да се успори уништувањето на највредното природно и културно богатство во државата, е преку меѓународната заедница. Благодарение на случајот пред Бернската конвенција (барем засега) го стопиравме усвојувањето на предлог Законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата, кој покрај останатото, на сопствениците на овие незаконски приватизирани имоти со дивоградби им даваше приоритетно законско право да учествуваат во дефинирањето на дозволените активности во зоната во која им се лоцирани градбите“.

Подготвено од М.Д.

About Author