11.12.2024 Скопје
„Гугл“ објави дека го надминал клучниот предизвик поврзан со квантните компјутери со чип од новата генерација, кој е способен да реши компјутерски проблем за пет минути. Новиот чип, на којшто сѐ уште се работи, е наречен „Вилоу“ (Willow) и го претставува најновиот развој на технологијата во полето на квантно пресметување.
Новата генерација на чипови, конкретно прилагодениот чип Willow, ќе може да реши компјутерски проблем за неколку минути за кој на сегашните најбрзи суперкомпјутери ќе им требаат десет септилиони години (10 на 24 според американските мерења), изјави основачот на Google Quantum AI, Хартмут Невен, чиј тим се состои од 300 експерти.
Од суштинско значење е тоа што чипот на Google ја демонстрираше способноста експоненцијално да ги намалува компјутерските грешки, подвиг што им избегнуваше на истражувачите речиси 30 години.
Стучњаците, сепак, велат дека овој квантен чип, засега, во голема мера, е експериментален уред. Тоа значи дека квантен компјутер којшто ќе биде доволно моќен за да реши широк опсег на проблеми – тоа сѐ уште е далеку од готов производ.
Квантните компјутери работат на поинаков начин од системите во лаптопите или телефоните. Тие, имено, користат квантна механика за да решаваат проблеми многу побрзо од традиционалните компјутери.
Како и вообичаено, за за новиот изум постојат стравувања дека може да се користи за нечесни цели, како што е шифрирање или злоупотреба на чувствителни податоци.
Раководителот на лабораторијата за Квантна вештачка интелигенција на „Гугл“, Хартмут Невен вели дека компанијата верува во овој проект, но дека сѐ уште треба да се работи и усовршува. Според него, овој чип, способен за комерцијални апликации, нема да се појави пред крајот на ова десетлетие.
Подготвено од М.Д.