19.12.2024 Скопје
Министрите за надворешни работи на ЕУ на вчерашниот состанок во Брисел не дале зелено светло за предлогот на Марио Драги да се исфрли консензусот како принцип на носење одлуки за повеќе други прашања. Според она што беше објавено официјално од расправата во Советот за општи работи, некои од министрите го подржале предлогот, но неколку се спротивставиле посочувајќи на потребата да се заштитат за некои сензитивни прашања за нив.
Ваквиот епилог покажува колку нема шанси одлуките за проширувањето да се спасат од заканите за вето поради билатерални прашања, во време кога низ Брисел циркулира и германско-словенечката иницијатива за укинување на можноста за ставање вета во текот на преговорите за членство со некоја земја, која и по една година и повеќе – сѐ уште е иницијатива.
Расправата за ветата беше дел од расправата за иднината на ЕУ, заснована на документот на Марио Драги кој доби задача да понуди концепт за идно подобро функционирање на Унијата.
Така, во делот „Зајакнување на управувањето“ прикажани се неколку размислувања и конкретни предлози поврзани со институционалната поставеност и функционирање на ЕУ меѓу кои е и потребата за поедноставување на правилата.
„Иако имаше поддршка за истражување на сите опции според Договорите за да се направи ЕУ поагилна, а неколку министри го поддржаа проширувањето на гласањето со квалификувано мнозинство во некои области, други министри изразија резервираност, нагласувајќи ја важноста од одржување на единството на ЕУ и од земањето во предвид на загриженостите на земјите-членки во чувствителните области“, стои во соопштението од Брисел.
Подготвено од М.Д.