mickoski-

18.12.2024 Скопје

Имплементацијата на Планот за раст на Западниот Балкан, напорите за регионална интеграција, како и можностите за натамошно унапредување на постепената интеграција меѓу Европската Унија и регионот, ќе бидат главни теми на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани.

Како што најави Владата, покрај учеството на Самитот, премиерот Мицкоски ќе има средби и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и со неговите колеги од Шпанија и Полска, Педро Санчез и Доналд Туск.

Утре (19 декември), Мицкоски ќе учествува и на Самитот на Европската народна партија (ЕПП), кој ќе се одржи пред средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ.

Во пресрет на посетата на Брисел, премиерот Мицкоски во саботата изјави дека пораките кои доаѓаат од таму „не се баш така јасни“, но дека нашата порака е јасна оти ние доволно направивме како ниту една држава во ЕУ.

„Ние ќе продолжиме да промовираме европски вредности, ќе си ја вршиме домашната задача, ако се подготвени да најдеме конструктивно решение и да го продолжиме патот во ред, во секое време сме подготвени позитивно да одговориме на таквото барање, во спротивно можам да заклучам дека ние како држава, Балканот, за жал не сме во фокусот на оваа администрација на Брисел“, изјави Мицкоски.

Според него, во Брисел има политичари кои „одлучија да бидат заложници на политичари кои се уште се со мислите во средниот век, наместо да гледаат кон 21 и 22 век“.

Инаку, во најавата на Европскиот совет за Самитот ЕУ-Западен Балкан, се посочува дека лидерите на Унијата и на земјите од регионот ќе го искористат состанокот како можност за продолжување на новиот моментум во нивното стратешко партнерство, вклучително и размислувања за тоа како да се продлабочи тоа партнерство со цел европските партнери од регионот да се движат кон заедничка иднина во Европската Унија.

Предвидено е на Самитот, кој почнува доцна попладнево, да стане збор и за унапредување на интеграцијата на Западниот Балкан со ЕУ преку Планот за раст на регионот, продлабочување на соработката во повеќе области, вклучително и надворешната и безбедносната политика, изградбата на економска основа за заедничката иднината, ублажување на влијанието на руската агресија врз Украина, справувањето со миграцијата и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Подготвено од М.Д.

About Author