17.12.2024 Скопје
Отпуштања ќе нема, но непополнување на испразнети работни места е можно. Вака првиот човек на Советот на стрнаски инвеститори во земјава Виктор Мизо ја објасни состојбата со странските компании во РС Македонија, кои работат во автомобилската индустрија.
Мизо, кој доаѓа токму од оваа индустрија, е уверен дека поради кризата во германската економија, посебно во производството на автомобили, компаниите во земјава поврзани со овој вид дејност ќе имаат намалени профити. Дали тие ќе продолжат да работат во истиот обем и темпо, Мизо не можеше да одговори.
Сепак, Мизо е оптимист дека работите во оваа индустрија во Европа ќе се поправаат, но очекува производителите на автомобили од континентот да ја креваат конкурентноста на нивните производи и да им парираат на произвотите од истокот, посебно од Кина, чии автомобили се и поевтини, но и технолишки понапредни. По средбата со странските инвеститори во земјава, премиерот Мицкоски рече дека сите се согласиле остатокот од 5 проценти од глобалниот корпоративен данок да го платат во РС Македонија, а не во матичните земји на компаниите.
Сепак, странските компании не даваат да им се одземе државната помош која ја добиваат. Тоа е нешто што го добиле како договор кога влегувале да инвестираат тука, вели Мизо, но сега, поради дополнителната обврска од глобалниот корпоративен данок, таа ќе претрпи трансформација во друг вид помош. Падот на индустриското производство во Германија и економската криза која го зафаќа нашиот најголем трговски партнер, се очекува силно да удри врз домашната економија идната година.
Министерот за економија во гостување во Аргумент плус, Бесар Дурмиши вели дека намалувањето на просечната плата во најголем дел се должи на намалувањето на платите на вработените во фабриките од слободните зони, погодени од кризата во Германија. Од друга страна, премиерот Мицкоски оптимистички, денеска најави напад на бројката од една милијарда евра странски инвестции во една година, што би било рекорд на земјава.
Подготвено од М.Д.