KINA SAD

04.12.2024 Скопје

Министерството за трговија на Кина објави дека забранува извоз во Соединетите држави на галиум, германиум, антимон и други клучни високотехнолошки материјали со потенцијална воена примена.

Одлуката беше објавена откако Вашингтон го прошири списокот на кинески компании кои подлежат на контрола на извозот на опремата што произведува компјутерски чипови, софтвер и мемориски чипови со висок пропусен опсег потребни за напредни апликации.

Кина упати силни протести против САД поради ажурирање на мерките за контрола на извозот на полупроводници, санкции против кинески компании и злонамерно потиснување на технолошкиот напредок на Кина – изјави на прес-конференција портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан.

Тој повтори дека Кина е „цврсто против тоа САД да го преувеличуваат концептот за национална безбедност, да ги злоупотребуваат мерките за контрола на извозот“ и да воведат „незаконски, еднострани санкции“ против кинеските компании.

Ограничувањата што денеска ги објави Пекинг вклучуваат и извоз на супертврди материјали, како што се дијаманти и други синтетички материјали кои се исклучително густи и имаат разновидна индустриска употреба, како што се алатки за сечење, диск сопирачки и заштитни облоги.

Кина е најголемиот глобален извор на галиум и германиум, кои се произведуваат во мали количини, но се потребни за производство на компјутерски чипови за мобилни телефони, автомобили и други производи, како и соларни панели и воена технологија.

Заострувањето на трговските ограничувања доаѓа откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ги зголеми царините за увоз од Кина и други земји.

Подготвено од М.Д.

About Author