zlatoo

30.12.2024 Скопје

Златото привлекува се поголемо внимание кај светските медиуми, а во текот на изминатата година неговата цена се зголеми за речиси 30%. Се повеќе инвеститори, поединци и централни банки ширум светот инвестираат во злато. Од каде е тоа злато?

Речиси 3.700 тони злато се произведени во светот во 2023 година, покажуваат податоците на Светскиот совет за злато. Ова е највисок производствен капацитет во изминатите 5 години. Сегашната проценка е дека во подземни резерви останале околу 57.000 тони злато. Тоа значи дека, хипотетички, ако производството продолжи со ова темпо, и ако не се најдат нови резерви, би се ископало целото преостанато злато во светот за само околу 15 години.

Оваа ограничена понуда, во комбинација со скапиот и сложен процес на ископување е еден од клучните фактори што му даваат вредност на златото. Како што се повеќе земји се свртуваат кон златото како безбедно засолниште за инфлацијата, глобалните тензии и вооружените конфликти, да погледнеме од каде доаѓа тоа злато.

Земјите ширум светот се занимаваат со ископување злато, но овие пет земји произведуваат над 30% од годишната понуда.

Кина

Кина е најголемиот производител на злато во светот. Секоја година од кинеските рудници се извлекуваат околу 370 тони злато кои потоа се преработуваат и користат за инвестициски и потрошувачки цели. Кина има огромна „златна“ култура. Се почитува како инвестиција, во форма на инвестициско злато и како украс во форма на накит или скапоцени предмети. Културата на подарување злато во Кина е огромна, тешко е да се најде кинеска прослава без злато како подарок.

Покрај тоа, Кинезите инвестираат големи суми пари во злато, не само поради традицијата, туку затоа што кинеските поединци претпочитаат побезбедни и постабилни инвестиции.

Поради оваа голема побарувачка, Кина е и најголем потрошувач на злато секоја година, само во првите 9 месеци од оваа година Кинезите купиле повеќе од 740 тони злато.

Русија

Вториот најголем производител на злато во светот е Руската Федерација, која секоја година произведува околу 320 тони злато. Русија е најголемата земја во светот и логично има големи подземни резерви на жолтиот метал. Покрај самото производство, акумулацијата на златни резерви е една од алатките што руската централна банка ги искористи за да го намали влијанието на западните санкции врз нејзините девизни резерви.

Австралија

Австралија е трета по ред и произведува околу 290 тони злато секоја година и е историски позната по производството на злато, а со децении е главен извор на најчистото злато за британската кралска ковачница. Австралиските производители и денес испраќаат злато во Британија за да се преработи во прачки и монети. Австралија, исто така, произведува злато и монети преку ковачницата во Перт. Земјата е општо позната по изобилството на природни ресурси што ги експлоатира.

Канада

Канада е четврта на листата со производство на околу 190 тони злато секоја година. Кралската канадска ковачница е светски позната и по своето висококвалитетно злато, а златникот од канадски јаворов лист со ликот на актуелниот крал на Британија Чарлс е еден од најбараните златници во светот.

Соединети Американски Држави

Америка е петти по големина производител на злато во светот и секоја година во оваа земја се произведуваат околу 165 тони злато. Таа е и еден од главните финансиски пазари за злато, каде на берзата се тргува со „хартиено злато“. Американските фондови на ЕТФ купуваат злато, а потоа издаваат акции на самиот фонд, кои поединците можат да ги купат за да добијат т.н. „хартиено злато“.

Двата најголеми производители на злато се во алијансата БРИКС – Кина и Русија.

Оваа алијанса речиси најави потенцијална размена на благородни метали, а се чини дека БРИКС сака да стане поголем играч на пазарот на злато и други благородни метали, пазар кој традиционално го водат западните земји и до ден денес остануваат најсилен фактор во него.

Како што повеќе поединци, инвеститори и централни банки ширум светот гледаат на златото како складиште на вредност што ги штити од инфлација и геополитички неволји, самиот свет на производство на злато ќе станува сè поважен.

Подготвено од М.Д.

About Author