04.12.2024 Скопје
Грчката влада претстави нов даночен закон со цел зголемување на приходите и решавање на клучните проблеми во туристичкиот сектор.
Меѓу најважните мерки се зголемување на даноците за туристичко сместување, ограничувања за краткорочно изнајмување во популарните области и данок за патниците на бродовите за крстарење.
Новиот даночен закон во Грција воведува нови правила и ограничувања за краткорочно изнајмување на станови и куќи преку онлајн платформи од 1 јануари.
Ограничувања за краткорочно изнајмување сместување во центарот на Атина
Рамката во која ќе функционираат оние кои изнајмуваат сместување во стилот на Airbnb од Нова година ќе стане значително потесна, а оние што издаваат станови и куќи на долготраен закуп ќе добијат даночни олеснувања, очекувајќи брзо донесување на новата регулатива.
Имено, за да се решат проблемите со недостигот на станбен простор и зголемувањето на цените на киријата, грчката влада на една година ќе го прекине издавањето на нови дозволи за краткорочно изнајмување во три централни градски квартови. Ова се однесува на населбите Плака, Колонаки, Кукаки, Синтагма, Омонија, Монастираки, Егзархија, Илисија, Неаполи, Мец, Неос Космос, Агиос Артемиос, Паграти, Вотаникос, Метаксургио, Гази, Петралона и Руф.
Сопствениците на имоти во центарот на Атина кои би сакале да ги изнајмуваат на туристи следното лето, најпрво ќе имаат рок до 31 декември да го запишат во даночниот и регистарот на недвижности, а од 1 јануари 2025 година ова веќе нема да биде можно.
Данок за отпорност на климата
Воведен е нов данок за „отпорност на климата“, кој иако се нарекува вака, всушност се однесува на туристичко сместување, вклучувајќи хотели, Airbnb и вили. Воведени се нови даноци, а нивната цена ќе зависи од видот на сместувањето и сезоната. Приходите од оваа давачка ќе се користат за финансирање еколошки проекти и подобрување на инфраструктурата.
Данок за патници на бродови за крстарење
Грција ќе воведе нов данок за патниците кои се симнуваат од бродови за крстарење во грчките пристаништа. Надоместокот ќе биде во износ од 1 до 20 евра, а приходот од оваа такса ќе се користи за развој на пристанишната инфраструктура и промоција на туризмот.
Стимулации за долгорочни кирии
Со цел да се поттикне долгорочното изнајмување, владата нуди тригодишно даночно ослободување за сопствениците кои ги претвораат своите краткорочно изнајмени имоти во долгорочни изнајмувања.
Целта на овие мерки е да се балансираат економските придобивки од туризмот со потребата за одржлив развој и социјална правда.
Подготвено од М.Д.