26.12.2024 Скопје
Научниците алармираат дека Земјата се соочува со голема веројатност за огромна вулканска ерупција во текот на овој век, а човештвото не е подготвено за нејзините последици.
Овие сценарија можат да предизвикаат „климатски хаос“, според професорот по климатологија д-р Маркус Штофел, сличен на ерупцијата на вулканот Тамбора во Индонезија во 1815 година.
Ерупцијата на Тамбора исфрлила 38.624 кубни километри гасови, прашина и карпи во атмосферата, што довело до пад на глобалните температури. Светот ја запомни „годината без лето“, кога житата пропаднале, настанала глад, а се проширила и пандемија на колера.
„Денеска, ефектите од ваква ерупција би можеле да бидат уште поразителни поради веќе нарушените климатски услови предизвикани од човечки активности“, вели д-р Мајкл Рампино, геолошки научник.
Истражувањата покажуваат дека потоплата и потурбулентна атмосфера би го забрзала ширењето на сулфур-диоксидот во воздухот, засилувајќи го ефектот на ладење.
„Можеме да очекуваме дека овие честички ќе ја пригушат сончевата светлина, со што дополнително би се намалила температурата на површината“, објаснува д-р Ања Шмит од Универзитетот во Кембриџ.
Ерупции како онаа на Тамбора или на вулканот Пинатубо на Филипините во 1991 година, кои го намалија глобалното затоплување за околу 0,5°C, се пример за ефектите од вулкански активност.
Д-р Штофел нагласува дека немаме доволно податоци за древните вулкани, што го отежнува предвидувањето на нивното однесување. Истражувачите користат примероци од ледени јадра и годови од дрвја за да ги реконструираат ефектите од минатите ерупции.
Научниците предупредуваат дека топењето на глечерите и зголемените врнежи може да го зголемат притисокот врз магмата под земјата, зголемувајќи ја веројатноста за ерупции.
„Во региони како Исланд, Чиле и Индонезија, можеме да очекуваме поинтензивна вулканска активност предизвикана од климатските промени“, изјавува д-р Томас Обри.
Според истражувањата, 58% од активните вулкани се ранливи на климатските промени, што ја зголемува можноста за уште една мини ледена ера.
Останува да видиме дали човештвото ќе се подготви за вакви катастрофални сценарија.
Подготвено од М.Д.