
14.12.2024 Скопје
Франсоа Бајру, ветеран центрист и сојузник на претседателот Емануел Макрон, е назначен за француски премиер, откако минатонеделното историско гласање за недоверба стави крај на краткотрајна малцинска коалиција на десничарскиот Мишел Барние.
Бајру (73) е водач на центристичката партија МоДем и политички тешкаш од југозападна Франција, кој себеси се нарекува „човек од село“. Поранешен министер за образование и градоначалник на југозападниот град Пау, тој беше сојузник и човек од блиска доверба на Емануел Макрон откако дојде на власт во 2017 година.
Бајру е четвртиот француски премиер оваа година, бидејќи Франција се бори со растечката политичка криза во поделениот парламент. Владата на Барние беше соборена минатата недела по само три месеци на функцијата, а Макрон сака да избегне новата влада да се соочи со истата судбина.
Откако Макрон распиша предвремени избори во јуни, францускиот парламент е поделен на три групи без апсолутно мнозинство. Левиот сојуз освои најголем број гласови, но не успеа да стигне до апсолутно мнозинство; Центристичката групација на Макрон претрпе загуби, но сè уште стои; и екстремно десничарскиот Национален робир доби места, но беше спречен да дојде на власт со тактичко гласање од лево и од центарот.
Тие поделби остануваат и првата задача на новиот премиер е да назначи влада која ќе може да работи со парламентот за да го донесе целосниот буџет за 2025 година.
Томас Казнев, центристички пратеник од партијата на Макрон, го опиша Бајру како искусен политичар кој има „уметност на компромис“.
Но, политичкиот ветеран предизвикува незадоволство и кај левицата – која вели дека ќе ја продолжи политиката на Макрон – и кај десницата, каде што лично не му се допаѓа на влијателниот поранешен претседател Никола Саркози, против кого се кандидираше во претседателската трка во 2007 година.
Политичарите од левицата претходно го критикуваа изборот на Бајру, велејќи дека неговото назначување би значело „континуитет“ за Макрон и дека не е почитуван резултатот од предвремените избори во кои левиот сојуз освои најголем број гласови.
Манон Обри, од левичарската партија Непокорна Франција на Жан-Лук Меланшон, пред именувањето го кажа ставот на нејзината партија за Бају за Европа 1: „Тој е самото олицетворение на макронизмот. Кога Емануел Макрон ќе ги загуби изборите, тој сака, по секоја цена, да ја наметне бојата и континуитетот на сопствената политика? … Тоа не функционира“.
Социјалистот Борис Вало рече дека ако Макрон назначи некого од сопствената центристичка групација „тоа ризикува да ја влоши политичката и институционалната криза“ што ја создаде претседателот.
Подготвено од М.Д.