nova-godina-750x430

18.12.2024 Скопје

Изнајмување викендички, станови или забава во ресторан, но и посебни новогодишни настани организирани од културни институции се дел од опциите кои ќе можат да ги искористат граѓаните за дочек на Новата година. И годинава нема да изостанат и дневните дочеци на Нова година. Колку ќе чини сето тоа зависи од желбата како граѓаните ќе сакаат да ја поминат најлудата ноќ во годината.

Рестораните годинава нудат промотивни цени од околу 3.000 денари по човек на маса или стоечки, но како што се приближува дочекот цената расте. Се нуди мени за таа цена, а се најавуваат неверојатни забави со уметници од земјата и од регионот.

И годинава се актуелни дневните дочеци на Нова година за кои цените се приближно исти и со дочекот.

Во изборот за дочек како опција се нуди и малку поинакво доживување на Новата година во Скопје во Македонската опера и балет. Најавен е како настан под знакот на музиката, хуморот и незаборавната забава, со специјалното музичко кабаре шоу со Иван Босиљчевиќ проследено со афтер-парти што ќе трае до изгрејсонце. Ваквиот дочек по човек чини 4.499 денари.

Многу популарниот дочек на Новата година во станови, кој е нашироко прифатен од младите, во Скопје зависно од големината на станот и опременоста чини меѓу 150 и 600 евра.

Оние кои се определиле за овој начин на дочек велат дека цената е зголемена за 50%, што го потврдуваат и сопствениците на станови.

Да, поскапо е од лани дури за 50 %. Тоа ни го потврди и сопственикот. Лани го издавал за 250 евра, а годинава за 380 евра. Ама ние со друштвото сметаме дека ни е многу подобар и попријатен дочекот во стан. Знаете, избираме музика што сакаме да ја слушаме, се забавувате како што сакаме и јадеме што сакаме – вели Ана од Скопје.

Сопствениците велат дека цените за изнајмување станови за Нова година секоја година растат главно поради можните штети кои можат да ги направат оние кои слават.

Треба да ги пресметате и штетите кои можат да бидат мали, но и големи. Тука е и ангажирањето на чистачка потоа. И тие за празници секогаш се поскапи – вели сопственик на стан.

И изнајмувањето викендичка за дочекот на Нова година е поскапо. На пример, изнајмување викендичка на Матка чини и до 50 евра по човек или за 10 возрасни и 2 деца за две ноќи цената сега е 500 евра со намалување, а редовната цена изнесувала 600 евра. За секој дополнителен човек се плаќаат плус 8 до 10 евра.

Во Маврово само за дочек односно една ноќ цената за изнајмување на викендичките изнесува 280 евра во стандардна вила до 300 евра за луксузна вила, додека на Попова Шапка цената за наем на цела вила од ноќ во зима е 210 евра, но за празниците е повисока.

Цената за дочек на Нова година во хотелските капацитети се пресметува заедно со ноќевањето, па изборот на оваа опција може да се направи со две или повеќе ноќевања. Цените во ски-центрите се движат од 215 евра по лице па нагоре зависно од хотелот.

Во најатрактивниот туристички центар Охрид цените на новогодишните пансиони за тридневен аранжман се движат од 200 до 300 евра. Хотелите речиси и се пополнети отсега. Дел од хотелите новогодишната ноќ е пресметана во пансионот, а во дел се пресметува посебно.

Во хотел „Белви“ на пример полупансион во двокреветна соба е 340 евра по лице за 2 ноќевања со вклучена свечена вечера и неограничен точен пијалак на 31 декември и специјална вечера на 1 јануари. Гала вечера за дочек за гости кои не се сместени во хотелот чини 60 евра, а за тие кои се сместени во хотелот чини 50 евра.

Тридневен аранжман во хотелот „Тино“ исто така чини 340 евра по лице. Во цената е вклучено доручок и вечера, свечена вечера (на база шведска маса) со жива музика на 31 декември, како и 01.01.2025 и регуларна вечера за останатите денови. Пијалак се доплаќа дополнително.

Во Охрид веќе се распродадени и вилите каде што цената се движи од 5.619 до 6.569 денари, а речиси и да нема сместување во хостели во кои цената е од 3.709 до 3.809 денари.

Годинава, голем број граѓани се определија да ја дочекаат Новата годна во соседството и на малку подалечни локации. Цените и таму се повисоки за 20% во однос на лани.

Подготвено од М.Д.

About Author