arsenik-pretstava-350x430

18.12.2024 Скопје

Претпремиерата на претставата „Арсеник и стара тантела“ ќе се одржи утре (19 декември 2024) од 20 часот, а премиерата е на 20 декември во петок исто од 20 часот на сцената на Театар Комедија во Скопје.

Репризата на претставата е закажана за 21 декември од 20 часот.

Претставата е во режија и адаптација на Лидија Дедовиќ, костимите се на Ивана Каранфиловска, а сценограф е Сергеј Светозарев.

Навидум сè e нормално и општествено прифатливо во животот на сестрите Аби и Марта Брустер. Тие живеат заедно со нивниот возрасен внук Теди. Средината ги почитува и им е наклонета, поради нивната милосрдност и добродушност кон соседите. Освен тоа, тие се религиозни и богоугодни, и се радуваат на новиот свештеник во заедницата, особено затоа што неговата ќерка има романтичен однос со другиот внук, театарскиот критичар Мортимер. Но, оваа идилична слика, всушност има мрачна опачина. Сестрите Брустер имаат бизарно хоби – труење осамени луѓе (претежно мажи), Теди страда од делузија на идентитет и верува дека е претседателот Теодор Рузвелт, а добро чуваната тајна во семејството на лудаци се открива со појавата на третиот внук, Џонатан, за кого се знае многу малку до неговото враќање во домот.

Овој комплекс од ликови и нивното заемно дејство, впрочем, формираат „театар во театар“ и тоа на неколку нивоа: преку идентитетската криза на Брустерови, преку класичната драмска постапка на препознавање и кулминира со метатеатралната сцена во која Мортимер ја исмева претставата што ја гледал, притоа антиципирајќи го тоа што ќе му се случи следно – речиси идентичен исход како на несреќниот лик од претставата.

„Арсеник и стара тантела“ од Џозеф Кеселринг првично била предвидена како сериозна пиеса, инспирирана од вистински настани, но потоа била преработена во фарсична црна комедија со макабристички елементи. Уште од првата изведба на Бродвеј во 1941 година станала хит, постигнувајќи неверојатен успех кај критиката и публиката, за што зборува податокот за одиграни 1.444 изведби. Пиесата добила и филмска адаптација во 1944 година, со Кери Грант во главната улога, инаку втората најголема филмска ѕвезда на сите времиња (по Хемфри Богарт) според Американскиот филмски институт.

Подготвено од М.Д.

About Author