Crna-Gora-pregovori-EU

17.12.2024 Скопје

Црногорскиот премиер Милојко Спаиќ изјави дека очекува неговата држава наскоро да го затвори четвртото поглавје – 31 (надворешна, безбедносна и одбранбена политика), кое беше блокирано од Хрватска.

Ова го изјави на Меѓувладината конференција со ЕУ одржана во Брисел.

„Годината ја завршуваме со затворање на овие три поглавја – полни со ентузијазам да ги затвориме сите преостанати поглавја до 2026 година и да станеме 28. членка на ЕУ до 2028 година“, рече Спаиќ.

Тој посочи и дека за граѓаните на Црна Гора ова е „пресвртница од која нема враќање“.

„Затворивме три поглавја и ги исполнивме сите услови за четвртото и се надевам дека наскоро ќе го затвориме, како што препорачаа нашите пријатели од ЕК за само 12 месеци. На овој пат во претходните 12 месеци постигнавме повеќе од во претходните 12 години“, рече Спаиќ.

„По седум долги години, продолживме со затворање на поглавјата од преговорите и го доближивме членството во ЕУ до реалноста. Ги исполнивме сите услови за четвртото поглавје и се надевам дека ќе биде затворено во следните 12 месеци. Благодарни сме на Европската комисија и на сите земји-членки, особено на нашата администрација и 700 членови на тимот кои неуморно работеа“, нагласи тој.

Спајиќ истакна дека сите земји-членки на ЕУ за време на конференцијата се согласиле да ја поддржат Црна Гора во затворањето на трите поглавја.

„Ние сме им благодарни на сите земји-членки за нивната поддршка. Се надеваме дека ќе ги решиме сите преостанати прашања во следните две години. Верувам дека ќе најдеме начин да ги затвориме сите поглавја до крајот на 2026 година. Мислам дека ќе изненадиме многумина со нашиот успех“, изјави Спаиќ.

Тој додаде дека сите поларизирачки прашања ќе бидат решени со консензус.

„Многумина позитивно ќе изненадиме и ќе дадеме се од себе за што поскоро да постигнеме резултати“, изјави Спаиќ.

Денеска, Црна Гора ги затвори поглавјата 7 (закон за интелектуална сопственост), 10 (информатичко општество и медиуми) и 20 (претприемништво и индустриска политика)

Еврокомесарката за проширување Марта Кос рече дека „сака да ја гледа насмевката на лицето на Спајиќ“.

„Го сакам тоа што постојано се смешкате, а има многу причини за тоа, бидејќи денес е многу важен ден“.

Таа му честиташе на Спаиќ, неговиот тим и на сите во Подгорица „за нивната неуморна работа на преземање и спроведување на реформата“.

Марта Кос го пофали напредокот на Црна Гора, наведувајќи дека таа им покажала на другите земји аспиранти што може да се постигне со политичка волја и решителност. „Постигнат е значителен напредок, но ова не е крајот на патот“, истакна Кос.

Таа увери дека Европската комисија ќе стои до Црна Гора на секој чекор. „Можам да ве уверам дека Комисијата е подготвена да продолжи напред“, рече Кос.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто рече дека „да беше до нас, веќе ќе го затворевте поглавјето 31“.

„И не само тоа, можеби и некои други (поглавја) дополнително. Ѝ честитаме на Црна Гора за работата како влада и земјата. Гледаме дека ова е најдобрата година досега. Да беше до нас, ќе беше побрз, побрз процес…“, рече Сијарто.

„Ни треба нова енергија и амбиции. Ова се квалитети кои Црна Гора може да ги донесе на маса. Ова не е само заеднички интерес, туку и взаемна корист“, рече тој, додавајќи дека нема ризици поврзани со членството на Црна Гора во ЕУ.

Тој изрази уверување дека Црна Гора ќе ја зајакне Европската унија. „Ова е наш заеднички успех“, заклучи Сијарто.

Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман, пред денешниот состанок во Брисел објасни кои се забелешките на Хрватска.

„Тука нема потреба да се зборува за блокадата, Хрватска силно ја поддржува Црна Гора сите овие години, од моментот кога ги започна преговорите со ЕУ“, рече Грлиќ Радман.

„Сепак, има одредени прашања кои не се од билатерална природа, хуманитарни и цивилизациски прашања, кои се универзални“, додаде Грлиќ Радман, пренесува агенцијата Хина.

„Хрватска сигурно нема да ги стави билатералните прашања како услов за европскиот пат на Црна Гора, туку прашањето за исчезнатите лица за време на Татковинската војна, прашањето за компензација на затворениците во логорот, тоа се теми кои мора да нѐ засегаат сите нас во Европската унија, а не само Хрватска“, рече Грлиќ Радман.

Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, чија земја со години ја блокираше Хрватска, изјави дека билатералните прашања не треба да играат улога во пристапниот процес. Одговарајќи на новинарско прашање за одбивањето на Хрватска да се согласи на едно поглавје, Фајон рече дека тоа е билатерално прашање.

„Колку што разбрав, ова е билатерално прашање. Црна Гора рече дека се обидела да одговори на сите прашања на Хрватска и можам само да кажам дека во секој случај, кога станува збор за проширувањето, билатералните прашања не треба да бидат товар во ова процес“, изјави Фајон.

Подготвено од М.Д.

About Author