17.12.2024 Скопје
Администраторот на НАСА, Џаред Ајзакмен, изјави дека американските воени трупи во вселената се „апсолутно неизбежни“ за заштита на економските интереси на земјата.
Претседателот Доналд Трамп минатата недела го номинираше технолошкиот милијардер за следен шеф на американската вселенска агенција, велејќи дека Ајзакмен „ќе ја води НАСА во храбра нова ера“. Говорејќи на конференцијата Spacepower 2024, организирана од Здружението на вселенски сили во Орландо, Флорида, Ајзакмен рече дека плановите за испраќање повеќе луѓе во вселената вклучуваат и членови на американската војска.
„Мислам дека тоа е апсолутно неизбежно“, изјави тој. „Ако Американците ќе бидат во ниска орбита на Земјата, ќе биде неопходно некој да се грижи за нивната безбедност. Ова е насоката во која ќе оди човештвото. Америка ќе води, а ќе ни требаат чувари на таа висока позиција за да нѐ заштитат.
41-годишниот Ајзакмен, кој претходно ги финансираше сопствените вселенски мисии на капсулата Crew Dragon на SpaceX, во моментов не планира дополнителни лични летови во вселената поради неговата нова улога на чело на НАСА. Една од неговите цели како шеф на НАСА е да изгради вселенска економија која би можела да вклучува рударство, производство и енергија.
Тој ги повика приватните компании како SpaceX на Илон Маск и Blue Origin на Џеф Безос да развијат иновативни пристапи кон вселенската економија. „Вселенската економија е горе-долу иста веќе 60 години“, истакна тој, додавајќи дека од клучно значење е да се најдат нови можности.
Откако беше објавена номинацијата, Ајзакмен рече: „Вселената нуди неспоредливи можности за напредок во производството, биотехнологијата, рударството, па дури и откривањето на нови извори на енергија. Неизбежно, ќе има просперитетна вселенска економија – која ќе им овозможи на безброј луѓе да живеат и работат во вселената. Во НАСА, страсно ќе ги следиме овие можности и ќе воведеме ера во која човештвото ќе стане вистинска вселенска цивилизација“.
Ајзакмен не даде конкретна временска рамка за испраќање на првите воени трупи во вселената, но навести дека тоа би можело да се случи во исто време кога НАСА ќе воспостави постојано присуство на Месечината како дел од програмата Артемис. Новиот администратор на НАСА не е првиот кој укажува на можноста за испраќање американски војници во вселената. Веќе во 2020 година, пензионираниот генерал-полковник Џон Шо изјави дека Министерството за одбрана планира да формира командни центри надвор од Земјата.
Подготвено од М.Д.