18.12.2024 Скопје
Стопанската комора бара стабилност и висока одговорност за моментот во кој што се наоѓаме, посочи претседателот на комората, Бранко Азески.
Тој вели комората е подготвена во 2025 година да одговори на сите предизвици кои ќе ги имаат компаниите. Комората ќе се фокусира на неколку приритети во одржување на стабилноста.
Под број еден тоа е борбата против корупцијата и сивата економија, под два продолжување многу сериозно на процесот на гасификација, под три зголемување на конкурентската способност на извозните компании во делот на зголемување на продуктивниста и иновативноста на производите, под четири активности кои што се врзани за барањата за промена на законските решенија кои што ќе овозможат подобра бизнис клима, а стојат со години, како што се Законот за извршување, Член 218, парафискалните давачки, регулаторната гилотина и друго , коишто мора да бидат симнати од дневен ред, како и зголемување на напорите за подобар социјален дијалог меѓу социјалните партнери – изјави Азески пред почетокот на седницата на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), асоцијација која ги обединува шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан.
Претседателот на Стопанската комора и на тоа како може да се пресретне заострувањето на економската ситуација во Европа која е последица на подолги процеси на кои што ние не можеме да влијаеме.
Во контекст на ова што ќе се случува, промената на власта во Америка, воспоставување на нова политика, на војната во Украина која продолжува и се пренесува на други држави… целата неизвесност е многу опиплива за бизнисот. Бидејќи Германија е наш најголем трговски партнер сигурно ќе имаме последици од таа работа, затоа што состојбите во Германија се такви какви што се – рече Азески.
Азески рече дека во одделни сегменти е направен напредок, но е потребно поголемо ангажирање.
И покрај тоа што има позитивни сигнали, продолжување на инвестициската активност на странските инвеститори, домашните компании се спремни со евтините кредити да стартуваат значаен процес на инвестициска активност, „Бехтел и Енка“ се внесени во работа, значи отворен е фронт за голема работа, има некои најави околу железницата,… Сето тоа зборува дека многу внимателно треба да одиграме во 2025 година за да немаме тешки последици кои што може да дојдат надворешно – рече Азески.
Азески рече дека сериозно треба да се реагира на новите промени во светската економија. Посебно позитивно би било обединувањето и развојот на регионалниот пазар кој може да помогне на компаниите да најдат нови извозни дестинации.
Бараме стабилност и висока одговорност за состојбата во која се наоѓаме. Претстои нагло заострување на економската состојба во Европа која е последица на некои подолги процеси на кои ние не можеме да влијаеме. Бизнисот е пред неизвесност, а последици сигурно ќе има, посебно ако се земе предвид ситуацијата во Германија која е наш најголем трговски партнер. Ние правиме се за да ги убедиме структурите дома и во регионот, дека економиите на Западен Балкан мора да ја зголемат меѓусебната соработка зашто се мали. Треба да се обединиме и да им порачаме на политичките лидери смело да се влезе во инвестиција која ќе овозможи некаков напредок – рече Азески.
Се наоѓаме, рече Азески, пред светско преструктуирање кое очигледно е врзано со енергенсите.
Тие се клучот, но тоа ќе го отвори прашањето на високите трошоци кои одредени земји како САД ги плаќаат на меѓународните организации. Тоа не може да остане без последица. Ние сме поранлви зашто се бориме за егзистенција, но мора да се подготвиме за вакви случувања – рече тој.
Во однос на растот на платите и на пензиите Азески рече дека ставовите на Комората се јасни – тој мора да биде врзан за растот на домашниот бруто производ.
Добра вест е што во третиот квартал е растот на БДП е 3% и тоа треба да се утврди како минимум на кој сите ќе се бориме да го надоградиме – рече Азески посочувајќи дека само тоа може да биде излез за понатаму.
Тој додаде дека бизнисот е единствениот кохезивен фактор без кој што не можеме да одиме напред, како и дека е добро инвестициската активност да биде поддржана од сите заради тоа што само на таков начин е можно во наредниот период да направиме исчекор.
Значи локалните самоуправи, компаниите, државата, капиталните инвестиции, се да биде ставено во таа функција за да се оствари посакуваниот раст – рече Азески.
Подготвено од М.Д.