Еклстон колекција

06.12.2024 Скопје

Берни Еклстон организира голема распродажба. Поранешниот шеф на Формула 1 решил да се збогува со 69 автомобили од натпреварувањата на Големите награди на Формула 1, кои ги собирал во последните 50 години.

Многу од автомобилите кои ги собрал во последните половина век никогаш не биле прикажани во јавност, што оваа продажба ја прави единствена прилика за богатите колекционери.

Еклстон ги продава шампионските болиди на Ферари кои ги возеле Ники Лауда и Михаел Шумахер. Во неговата колекција се наоѓа и славниот брабам БТ46Б, дизајниран од Гордон Мареј, кој учествувал во само една трка – Големата награда на Шведска во 1978 година, кога победил со повеќе од 30 секунди предност.

Еклстон, кој сега има 94 години, стана дел од светот на Формула 1 во педесеттите години на минатиот век.

Тој одлучил да ја продаде својата колекција бидејќи, како што вели, „дојде време да размислам што ќе се случи со нив кога ќе ме нема“. Автомобилите се проценуваат на над 400 милиони евра.

Тој додава дека не сака неговата сопруга да се занимава со автомобилите по неговата смрт. А не може да ги земе со себе.

Подготвено од М.Д.

About Author