20241203230447

04.12.2024 Скопје

„Бехтел и Енка“, конзорциумот кој ќе ги гради четирите автопатски делници во рамки на проектот Коридор 8 и Коридор 10Д, ги доби првите 20 милиони евра од новата власт, односно првите пари од државниот буџет воопшто за оваа година.

Министерството за транспорт минатата недела на сметката на инвеститорот – Јавното претпријатие „Државни патишта“ префрлило 1.284.052.574 денари, или поточно нешто повеќе од 21 милиони евра, потребни за изведувачот.

Министерот за транспорт Александар Николоски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски и амбасадорката на САД, Ангела Агелер, во текот на изминатите месец и пол дена извршија обиколка на градежните активности за изгрaдба на автопатот Гостивар-Букојчани и Прилеп – Битола. Беше констатирано дека засега американско-турскиот изведувач работи единствено на експропријацијата и на расчистување на теренот, но дека овој проект останува приоритет за напредокот на економијата.

Владата со одлука пред два месеци паралелно со ребалансот на буџетот ги скрати парите за оваа година за „Бехтел и Енка“ од предвидените 250 милиони на само 67 милиони евра. Толку пари треба да добие Јавното претпријатие „Државни патишта“ како инвеститор до крајот на годината за изградбата на делниците Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола со измената на Програмата за финансирање.

Засега не е познато колку пари во текот на оваа година добил „Бехтел и Енка“ од минатогодишната програма, кога за оваа намена на ЈП „Државни патишта“ му беа префрлени вкупно 250 милиони евра.

Конзорциумот „Бехтел и Енка“ доби исплата на само еден аванс минатата година од државата. Ова го пишува во ревизорскиот извештрај на ЈП Државни патишта за 2023, каде стои дека изведувачот на автопатиштата од проектот Коридор 8 и Коридор 10Д бил исплатен само со почетен аванс од 50 милиони евра. Останатите пари од оние околу 250 милиони евра што Министерството за транспорт и врски тогаш му ги исплаќаше на „Државни патишта“ за овој проект, останале на сметката на јавното претпријатие без да се префрлат кај „Бехтел и Енка“ во текот на 2023.

Практично, американско-турскиот конзорциум минатата година работел само со овие почетни 50 милиони евра, а прашање е и дали со толку, бидејќи околу 20 милиони евра се пријавените приходи во билансот на работењето на „Бехтел и Енка“ во РС Македонија за минатата година кога и започна реализацијата на договорот што беше озаконет во Собранието, но остана тајна за јавноста.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во август годинава рече дека на „Бехтел и Енка“ нема повеќе да му се плаќа авансно. Таа додаде дека аванси без никаква реализација нема да бидат исплаќани, туку дека ќе се плаќа врз основа на реализација.

Проекциите се дека целиот договор ќе чини 1,3 милијарди евра. Димитриеска Кочоска летоска рече дека проектот на „Бехтел и Енка“ ќе продолжи да биде финансиран со дел од унгарскиот заем од милијарда евра.

Подготвено од М.Д.

About Author