30.11.2024 Скопје
Почнувајќи од денес до верскиот празник Водици, 19 јануари 2025 година, пред спортскиот центар „Јане Сандански“ во Аеродром ќе се одржува „Зимзоленд“, кој ќе им понуди на скопјани вистинска новогодишна атмосфера и забава.
Овој уникатен новогодишен настан, кој ќе трае 50 дена и кој ќе ја донесе магијата од европските и од светските метрополи директно во срцето на Скопје, е во организација на Здружението за организирање настани „Зимзоленд“.
„Зимзоленд“ е настан на кој ќе се сретнат традицијата и современите трендови за да се создаде уникатна новогодишна атмосфера, која ќе ги освежи срцата на сите посетители и која ќе ги потсети на убавината на празничниот дух. Со оваа иницијатива, сакаме да го внесеме Скопје на светската карта на градовите што ја слават новогодишната магија во свој уникатен стил – велат организаторите.
Спектакуларното отворање на „Зимзоленд“ е предвидено за денес во 18:00 часот, кога ќе биде осветлено небото со неверојатни светлосни ефекти. Ќе настапат „златните славејчиња“, „Aqva Dance Club“, „Brass Brothers“, ќе има аниматори и дефиле на маски, а ќе може да се проследи и латиношоуто со „Habana Breezer Band“.
Меѓу различните случувања на овој простор ќе биде и новогодишниот базар. Во шармантните новогодишни куќарки, ќе може да се ужива во разнобојните производи и во традиционалните јадења. На тезгите ќе може да се најде за секого по нешто, колбаси, ситни закуски, но и десерти. Ќе има и греано вино, ракија, како и разни видови чаеви.
Освен тоа, предвидени се и свирки во живо, при што ќе настапат најдобрите локални бендови и пејачи. Потоа, тематски вечери како латино хип-хоп вечери за љубителите на динамичните ритми и македонски народни вечери. Ќе има и караоке- шоу. Освен тоа, ќе има и неверојатно дефиле со најомилените ликови од Дизни (Мики и Мини Маус, Снежана и седумте џуџиња…), потоа театарски, стендап, куклени претстави, сликарски работилници, магионичари.
Лунапаркот ќе понуди најдобра забава и највозбудливи атракции за сите генерации, со весели карусели, боцкави возови, волшебни, светлосни инсталации и атракции со висок адреналин. За забавата да биде комплетна, во рамките на „Зимзоленд“ ќе има и лизгалиште. Предвидено е и дружење со Дедо Мраз придружуван од елени и од срни, кои ќе го дополнат зимскиот амбиент.
Колку им недостигаат на граѓаните вакви убави празнични моменти и новогодишна атмосфера, зборува и податокот дека туристичките агенции низ државата веќе им нудат на граѓаните еднодневна посета на „Зимзоленд“.
Подготвено од М.Д.